антена (ж.)
Овој град требаше да биде машина за мерење, лакмус, антена што ќе ги провери сите идни вселенски патници што ќе дојдат овде.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
И точно, не видов кога парапсихологот- вентрикулист со својата вилушка ми ги трансферираше ко божја солза прочистените сигнали што доаѓаа од антените на атомската мравка...
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Преку реката пак, Сандре Марче местеше телевизиска антена на ниското куќарче; Коте Буџе, во тремот на плевната, ја гледаше новата крава, швајцарски сој, што ја беше купил, плукајќи во правта долу, да не ја зарече; Пере Катин спремаше дупка за вар за домалтарисување на новата куќа, која досега беше малтерисана само одвнатре и последен пат си изми раце со потурување од стомне; двајцата сопственици на продавниците, како договорени, ги чистеа и ги прередуваа излозите, а по уличките на селото и на малите празни места, на плоштатките, децата си играа слободно по завршувањето на школската година.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Еден ден поставија прислушни уреди, антени, радари, детектори, рефлектори, наслушувачи, ѕиркачи, чекачи не би ли нашле дира и алира од уривачот, но него никако и никаде да го откријат.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Миграции
Наведнати за да ја допреме
со рацете, со очите, со думата
тонеме во безсознание
сѐ додека не се привикнеме на агонијата
лепливо индиго на амнезијата
нечитлив препис
акутна миоптија
мултиплицирани глетки
сѐ додека не почнеме да наѕираме
тихи обриси
да насетуваме смисла
а таа, пес бездомник
куче скитник
шуткана натаму-наваму
зависно од традицијата
од стомакот во гушата, во душникот
аурата, срцето
долж стопалата
по врвовите на прстите,
ко подноктица
сателитска антена
inter-link, inter-face
нешто невидливо нечујно
светликаво мрачно
мазно бодликаво
нешто кое држи до себе и до слободата
за да може да влегува и да излегува
кога ќе посака, да лунѕа
севезден
ни таму-ни ваму
разбиена идеално
дома, не-дома
таа, а не-таа
своја, а не-своја
секогаш кога ќе се разместат фигурите
ќе се затнат вентилите
огништето се згаснува
наидува поларен студ
- 51° Целзиусов
пука филмот
прскаат шавовите
напукнуваат ѕидовите
се прецртуваат границите
се митари митот!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Замислено гледаше во пејсажот, копнеејќи по некоја глетка - изненадување: змеј што блуе оган во низок лет над нивите, пуфкајќи чад и притоа испишувајќи го на небото нејзиното име, или автостопер вонземјанин, со антени и влажни стаклени очи што на чист македонски бара превоз до најблиската бензинска пумпа, не заради горивото туку затоа што му се пријале Квики-гриц.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Јас имам две антени – една гледа на север, друга гледа на југ.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Нејзината отвореност беше мала, кружна и речиси ненаметлива - слично на дупчињата за антена кои татковците ги прават со позајмени алатки, не сакајќи да повикаат мајстор.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
Гол е и на самиот врв се поставени антени.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
За инает, и надвор од себеси, се нафрлив на приклучокот за антена.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
Кога беше во полн погон имаше над стотина антени...
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Во туристичките проспекти читаме дека Ајфеловата кула е висока триста метри, на тоа додај ги дваесетте метри радио- антена.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
„А, и сигналот овде е каде, каде, подобар на телевизорот, и тоа со обична антена, нели Гого?“, му се радуваше Кизо на приемот.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)