аргат (м.)

АНЃЕЛЕ: После пак ќе ти пратам да си купиш некое нивче, да не одиш аргат по туѓи ниви.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
АНА: Сега, да донесам прво за вас или прво да им ставам на аргаткине?
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Знам оти ѓердан веќе не нижеш, знам оти чеиз и ти не везеш, знам, Вело, пусто остана сичко - не ли си и ти аргатка клета?
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Нема ли бел ден, нема ли ден да е над деновите, ден да е на аргатите - ден - с’лнце вишен високо ден - море ширен широко, с’лнце да запре, да стои и времето зачудено: срцето пука обрачи и плиска знаме алово, срцето што се отвора и шири ширно широко - целиот свет да загрне!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Тлееја Македонците и на грб нејак влечеа крвава двојна робија: едната како славјани, со јазик туѓ и негрчки, другата како аргати што сакат да прегледаат, да видат бел ден радосен, заедно со народите на Балкан братски здружен во една федерациа.
„Робии“ од Венко Марковски (1942)
Ако ништо друго, ќе го води аргатин со себе во Ќесендра и по прилепско битолските полиња, и како да е, тие двајцата белким ќе го вадат лебот и за старата!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
За да не ја гледа Анѓа, тој слабо идеше дома, испраќајќи го момокот Кулета, а самиот остануваше да спие со аргатите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На краот на земјата да знам со него ќе ода, туѓа аргатка по полињата ќе стана и од него не се дела. Само да си дојде ошче еднаш!“ ***
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На годината беговите го натерале аргат да им биде, иако тој собрал некоја пара да си купи некое нивче.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Знаеше дека Велевата душа и без неговите приказни го чувствува животот повеќе како приказна отколку што го сеќава таков, каков што си беше за аргатите, тежок, безмилостив, волчи.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ех, како им зборуваше, во тие часови кавалот на измачените аргати во туѓина, далеку од родните места...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Чакарвелика како да живна. Се разоди низ анот и по дворот, самата за работа се фати, децата како аргати ги хранеше со појадок, со ручок, со ужина и со вечера ги гостеше од она што го имаше или некаде го наоѓаше.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Нека бидат живи, јас и од планина ќе ги помагам тристапати поарно, отколку овдека да робувам сто години аргатин на Велиовци за сто гроша.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Во секоја куќа светеше борина, шеткаа жени низ куќи, ги растовараа мажите добиците со сено, трева, дрва; се прибираа аргати од работа.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Првин, жителите на Потковицата си мислеа дека се свампирил пустиникот Акиноски и дека таков, повампирен, бара да си ја врати крвнината, макар и од погрешен човек, макар од кого ѝ да е, па престрашени ја избегнуваа гората, (дури и овчарите уште од зајдисонце се прибираа дома) а тој, Арслан бег, со пушката в скут, на коњ, со дружината по себе, акаше низ полето, но само од изутрина до навечер; и не одбираше ни од изорано ни од посеано, ни од ендек ни од дол, божем за да се сретне со него, со отворот што го галатеше, а всушност ги вијаше и ги поткупуваше воловарчињата и аргатите да извардат и да му кажат кој се крие зад гласот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Неа, Трајана Дамческа, мајка му на Ѓорета, зашто беше висока како далјан, и зашто навистина беше комитка, уште од пред востанието во Крушово 1903-та, никогаш уште оттогаш не го симна чифтето од рамена, сама управуваше со момците, со аргатите и со сиот имот на Дамчевци Џаџовци, жителите на Потковицата, и на сите околни села така ја викаа, Комитка.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тие, Алиловите потомци, раскажуваа дека додека едни од нивните одамнешни соплеменици работеле како аргати по чифлизите, други ковале српови, дупчеле решета, потковале коњи, трети, жените и децата, вражале и краделе по селата, тој, ли, некогаш убав и силен ковач, тогаш веќе остарен и ослепен, останувал во чергата, а со него, за да го чува, Шава, прекрасна и немирна девојка.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На меѓата од нивата, крај грмушка осветлена од сонцето, лежи мајка му крај тукушто роденото дете; баба му Депа држи стомна со вода со која го замила; отстрана стојат неколку аргати со мотики в рака дојдени да ја видат рожбата како пастирите при раѓањето на Исус;
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Повремено измеќарот оди кај аргатите и им носи вода во стомните за да не доаѓаат тие под сенката и да не се губи време во преидување.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Тоа беше еден полничок и активен човек, но поразително глупав, една маса од имбецилно воодушевување - еден од оние сосем несомничави, посветени аргати од кои, повеќе дури и од Полицијата на мислата, зависеше стабилноста на Партијата.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Повеќе