вовлекува (несв.)
Ги полневме своите малечки грстови вода. Ги вовлекувавме длабоко в земи и те поевме.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Смислата на зборовите не проникнува во неговата свест, тој се вовлекува и се опива само од звучниот хаос на римите што го возбудуваат и го обземаат целото негово суштество и, заборавен, восхитен, растопен во еден необичен свет на чувства, разбранувани во неговата душа, тој го слуша сопствениот глас како трепери, се подигнува и звучно се разлева.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Сопственикот на немирните раце лежи ничкум, неговата небричена брада втонува во ископаната земја и усните ја допираат нејзината студенина и мирис на нешто гнило му се вовлекува во дробовите.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Глигор будно ги следеше како гаснат шумовите и потоа се вовлекуваше под одарот на Арсо и со упорност на кртица ја прегризуваше пречката што го држеше апсанџискиот свет откинат од онаа слободна широчина во којашто луѓето ја заплеткале својата судбина во нечии мрежи и ги кинат полни со верба дека има избавување и дека сето тоа е можно да се постигне. Да се излезе од овие ѕидишта.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
И во него, како црвојадина, се вовлекуваше една тивка, непозната нишка за себе си - сам.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
XI Гладот, што како стрвина се нафрли врз селото, постојано и сѐ повеќе се вовлекуваше во празните амбари и ношви и ненаситно лиже, гризе и сотира.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Бргу се спушта на колена и мижејќи се вовлекува под креветот.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
* Седам во тремот додека врне дождот а чинам дека тече по мене по моите вршки и лисја по моите гранки по стеблата по корењата по моите мравки тече по мојата шума по мојата земја по мојата мисла тече по мојата изненада закопана во брчките го брише мојот уплав мојот страв мојата осаменост во бесоницата во трептеж во напуштеност врви по дамарите мои се вовлечува во моите очи дождот што ме буди што крепи што плоди и јас станав извор што ѕвони цвет што се шири плод што се дрочи додека живеам и растам во оваа стара шума на моето постоење во вишнава гора во шумниве лисја.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Ако ви се случи во подоцнежните ноќни часови да минете, се разбира, со кола, по убавата магистрала на Босфорската ривиера, тогаш гостољубивите ресторатери и хотелиери ве тргаат од колата и ве вовлекуваат во локалите или пак она што ќе го побарате ви го носат во колата, па и топлиот салеп, посипан со иситнент дарчин, кој овде насекаде се точи и пие.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Чита некоја книга чијшто наслов Милчо не може да го види затоа што ја држи книгата свиткана во една рака за да може сладоледот да го држи во другата рака, и сè така лижнува: подиставајќи го јазикот и вовлекувајќи го во устата; задлабена во книгата, сè тоа несвесно ги чини; ако ѝ капне сладоледот на раката, таа и раката ја лизнува; ако ѝ капне на голите колена, таа и нив ги лизнува не оставајќи капката да ѝ се разлие.
„Прва љубов“
од Јован Стрезовски
(1992)
Блескотот и во шаторите се вовлекуваше и ги лизнуваше нозете на оние извидници кои лежеа или им ги вцрвенуваше лицата.
„Прва љубов“
од Јован Стрезовски
(1992)
Но и Калчо сега стануваше поспокоен: се вовлекуваше во себе како во желкина корупка и траеше.
„Прва љубов“
од Јован Стрезовски
(1992)
Таа се вовлекува во неговата душа и ја пребарува со невидливи страсни прсти.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Таа брзо го вовлекува внатре.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Механизмите на овој модерен систем на моќ ги вовлекува во она што Фуко го определува како „технологии на селф, кои им овозможуваат на индивидуите да ефектуираат, самите или со помош на другите, одреден број на операции на своите тела и души, мисли, однесување, и начин на постоење, така што се трансформираат себеси за да постигнат одредена состојба на среќа, чистота, мудрост, совршенство, или бесмртност“ (1988, стр. 18).
„МАРГИНА бр. 4-5“
(1994)
Како и многу други поборници на легализацијата, Бендоу се обидува да го преувеличи придонесот на криминализацијата во разорните последици на наркоманијата, како што се криминалот и „вовлекувањето“ на младите во недозволена трговија со дрога, така што го набљудува како незвисен фактор.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Ова вовлекување што го прави Ренџов во овој ороводен танц на чиј почеток е тој самиот, а ние само го следиме зацртаниот од, шема, се сосема видливите и намерни вклучувања на севкупноста, на совршенството што постои некаде сосема надвор од дофатот на овој разигран збир.
„Вечната бесконечната“
од Михаил Ренџов
(1996)
Во цевката за мокрење вовлекувам бодликава жица и полека ја вртам обидувајќи се да го исечам нервот. (Брус цитиран кај Klocker 1989:118)
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Се сврте токму навреме за да ја види г-ѓа Парсонс како го вовлекува својот син назад во собата, додека момчето го ставаше чаталот во џебот.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Се престорија во голем, шарен и возбудлив калеидоскоп што почна да се врти заедно со мене вовлекувајќи ме сѐ подлабоко и подлабоко во нешто огромно и таинствено, прекрасно и застрашувачко истовремено.
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)