гуштер м.

гуштер (м.)

Кога Ана минуваше по улицата, тој се превртуваше, стоеше на раце, вадеше од џеб живи гуштери, беше среќен што таа, ги забава чекорите и го гледа.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
И уште двајца: Циганчето Паљо, молчеливо сираче со расечена зајачка усна, и Васко, надарен без страв да фаќа живи гуштери, жаби и змии.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Недалеку од нив се сончаше рано излезен гуштер. Го погледна.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ако те нападне некој голем гуштер да те бранам.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
- Зад онаа голема планина, еј - уште подалеку, живеат гуштери големи како црквава. Очите им се од срчи.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Не сум гуштер, кловн сум, палјачо, болка.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
– Тогаш нека вршат агите наоколу – со извесна иронија проговори поп Јаков. – Ние ќе си седиме, ќе си јадеме, ќе си пиеме цело лето, а назиме, ќе даде господ студ, ќе видат невидат, ќе го напуштат нашето златно Мариово и ние ќе си излеземе на пролет како гуштеричките.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Воздивна: економ на градилиштето во некоја планина, економ меѓу камен, гуштери и ноќни ветрови.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Говорам за тоа градилиште како таму, меѓу гуштери и камења, да ќе ми се реши судбината.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Му олесна, и сеќавајќи се дека братучед му Шишман со камче погодува гуштер в око, беше сигурен дека е тоа неговиот одговор.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Земи го ова стапче, разбуричкај низ тревата, размавтај и сѐ што е живинче: змија, гуштер, глушец, оса, еж, - сѐ ќе избега. Потоа јагодите се твои.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Дење седеше во колибата, ги следеше од внатре птиците што слетуваа на островцето да отпочинат, им го следеше летот низ воздухот, им го одредуваше местото каде навечер слетуваат да преспијат, или каде прават гнезда, и кога ќе се затемнеше, излегуваше како ноќен гуштер од колибата, се влечкаше пополека низ шеварот и трските, го слушаше тивкото прпање на птиците кои тонеа во дремка, и како орел, како аждер, им се нафрлуваше одненадеж, ги фаќаше со раката за шијата, ги стегнуваше не давајќи им да писнат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Сме се измешале со гуштери, со змии, со кртици, со разни гадурии. Не се знае кој е полиот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Така тие ноќи само некои лоши, невеласни соништа ме шетаат: де пропаѓам, де се качувам, де некои гуштери, ѕвиждалници, слепјаци и смокови ме облазуваат. Ме заплеткуваат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Вика и се вцрвува. Му набрекнуваат жилите, небаре гуштерици му скокаат. И оп, туп, ми се наднесува, ќе ме удри.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Стотици мртви и еден коњ, премногу за тоа запурно лето без гуштери на излишавените карпи, сите до една слични на згрчени чудовишта, еднаш, кога и да било, ќе се тргнат од летаргија и ќе појдат да се хранат со човечки коски.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Срцето ми удира во правта, како гушата од гуштерот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Кто сказал ,браво“, повторува едно за друго, а Германките само ги покажуваат јазичињата ко гуштерици.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Еден гуштер ми застанал вака и ме гледа, се гледаме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
- Тоа се птици и гуштерчиња, - ме смири тој.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Повеќе