делба (ж.)
Само благодарејќи на големата братска љубов делбата стана со „арно — со мирно“ без кавга и гурунтија, барем меѓу браќата.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
На тие што првпат започнуваа да се судат, за да ги ослободи од непријатно чувство што ќе одат по судови, им велеше: „А што ќе правиш... Така е создаден светот... преку делби...
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Китан изгради куќа под каменоломот, на местото што му припадна од неговиот татко, при делбата со татко му од Танаил.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Тоа ќе доведе Балканот да западне во лоши историски делби, преполни со тешки последици.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
А тоа се случувало кога ќе пламнела омразата помеѓу луѓето, ќе натежнале делбите, раздорот, проклетствата.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Што не издржал Балканот?! Започнале нови делби, пред сѐ на верска основа.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Клерот најчесто и во поголем дел бил од странско потекло. Клерот бил причина за делби.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
По делбата на Источното и Западното Царство, нашите христијани се поделија на католици и православни, а по инвазијата на Отоманската Империја голем дел се преобрати во исламот, дел ја задржа старата православна или католичка линија, а не малку пребегнаа кон Италија и други земји во западна и источна Европа со старата религија...
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Демагогијата и малограѓанскиот ситен интерес сѐ уште доминираат со јавната сцена на идеи и новата некорумпирана генерација интелектуалци и политичари богами ќе треба да вложи значајни напори да се пресмета со тој парохијален и всушност примитивен дух кој нема изградено никакво посуптилно чувство за иднина, за заедница и за делба на интересите. Маргина 35 7
„МАРГИНА бр. 35“
(1997)
Остануваше никогаш растолкуваната семејна загатка - за тоа што се случило во изминатите пет века отоманско време на Балканот, како дојде по поразот до големата делба, до промената на Бога, до големото гранење на семејството, кога едниот дел по отоманската опсада и победа по цена на смртта ќе замине на другиот брег на морето со старата христијанска вера, со задолжителните врски клучеви на старите куќи во пламен, со по некоја спасена икона и света книга в раце.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
И ете веков тече, а делбите и преселбите не престануваат.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Еднаш порано имам запишано дека и каде што се мноштво и каде што се само неколцина луѓе, се создава ист или сличен тип на односи при што присутни се и љубовта и омразата, и натпреварот, и зависта и настојувањето да се доминира, да се наложи власта од едни над други, присутен е стремежот да се создаде група, толпа, но во исто време и делби.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Времето во кое таа се раѓа, израснува и живее и во кое се осмислува како поимска вертикала е време на војни, преселби, страдања и жилави напрегања да се опстои, време на новопоставени граници, трагични дистанцирања, делби, оттуѓувања и конфронтирања.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Ти знаеш како ни беше исполнето времето на Балканот, со тага, со умирачки, со заминувања, со разделби, со делби.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Дојде и до делба на семејството, браќата останаа да живеат секој во едната од двете семејни куќи.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
25
но ти не се враќаш
само јас се играм
и во занес, и во очај
зашто ништо нема моќ
нема такво време
ни таков живот
обнова нема
близина блага ни блаженство
зашто далеку одовде
ги нема милите предмети
нема реки ни планини
нема езера ни миризби
и кајшто ги има
зашто сѐ е црвен кантарион
отсега па натаму
лековита но горчлива
пресеклива трева, жива лава
и сѐ е грешка
и нема помирување
и другото е друго, трето
и сѐ се брои
а ти си единствена, неделлива
грутка, Младост
и мака и мак, и зрнце царевка
царска приказна
полна пресврти и препознавања
делби и разделби
неразрешливи заплети
- и душата ти е водена низ мрак
од незнаење кон знаење,
трагично, Аристотеле –
зашто некој ја негува
уметноста на фугата
бегството, селидбата!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Некој е вишок
тензијата е последица од премногу сакање
ниски страсти, совпаѓања
а предметот на желбата еден и неделив
мистичниот копнеж по неделивоста
нѐ поврзува да учествуваме во с-подвижната драма
на свеста (coitus interruptus)
во одложувањето на кулминацијата
секој од нас цел го сака
цела ја сака
колку повеќе ја одлагаме драмата
толку повеќе е тука
приклештена габаритно
еуфорично распиштолена
по меките, лимфни, срамни и кршливи
пасажи на твојата, мојата или на неговата
психа, навидум силна налик на лунатик
хистеричен
порив да се биде роден
да се осети на свој грб
животот
сѐ недостатен, сѐ пожелуван
сѐ отповеќе, сѐ отпосле
сѐ притеснет
испустен или пренаселен
сѐ загрозен, заплашен, изнемоштен
од перипетии, пресврти и стресови
од иселеништва, делби и егзили
сѐ лишен од разврски
создава лажна, мелодраматична слика
- нема друг и никој не е сам -
- целоста е устрем
обичен, а врховен!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Сатана
-поплака-
1. Делба
Ах, плаха синонимијо во јазикот!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Не можеше да се помири со меѓупалестинските несогласувања и делби.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
И сеништето на делбите во земјата беше ante portas!
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)