дремка (ж.)
Главниот удар се пренесе сега долу, на реката, која што требаше да се разбуди од вечната дремка и нејзините застојани води, што сега мрзливо се влечеа под жарот на летниот ден, кога ќе паднат првите есенски дождови, да заструјат по новото корито ...
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Бандата направи препад токму на полноќ, кога изморените сејмени, ги налегна дремка, та разбојниците иако беа бројно многу помалку од сејмените, успеаја да ги опљачкаат колите и да ги одведат сите дванаесет коњи.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Босилекот се вовира остро, ја корне и растресува душата, додека шебојот гали, опива, слади, тера на дремка сладосна.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Стариот да си се истегне дома на мекиот широк миндер и да потоне во слатка дремка.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Шум, необичен за таа доба од ноќта, му ја прекина дремката.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Сите изнастанаа. Почнаа да трептат со очите, да се трезнат, да се разбудуваат од дремката што им ги беше навалила очите од претераното пиење.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
„Не!“ Ќе цукнеше со јазикот Полин и ќе ја продолжеше дремката.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Дење седеше во колибата, ги следеше од внатре птиците што слетуваа на островцето да отпочинат, им го следеше летот низ воздухот, им го одредуваше местото каде навечер слетуваат да преспијат, или каде прават гнезда, и кога ќе се затемнеше, излегуваше како ноќен гуштер од колибата, се влечкаше пополека низ шеварот и трските, го слушаше тивкото прпање на птиците кои тонеа во дремка, и како орел, како аждер, им се нафрлуваше одненадеж, ги фаќаше со раката за шијата, ги стегнуваше не давајќи им да писнат.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Тој ја напушти стражарницата и му се врати на езерото без кое не можеше: ги оптегнуваше мрежите на диреците крај куќата, ги чистеше од тревје и алги, шеташе со прстите по нив како по жици од харфа потпевнувајќи си; кога ќе му дојдеше дремката, легнуваше на песокта крај езерото, и додека тоа тивко, како некое жужаленче жужаше на песокта, тој тонеше во длабок сон; спиеше сѐ додека на зајдисонце не му затропаше добитокот што идеше од пасење и навраќаше да се напие вода; а кога ќе легнеше поднапиен, тогаш ни тапани не го будеа; стануваше кога некој од домашните ќе го растресеше.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Бидејќи бевме изгладнети, сите тројца дремката ја совладавме и секој од нас почна да вади од торбите нешто за јадење.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Во купето владееше пријатна топлина која уморниот патник го тера на протегање и дремка.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Дремам и во дремката ја здогледувам Велика, жената моја.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Некоја силна дремка ме слегува од коњот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Целата таа ноќ не заспа. Само што ќе го навалеше дремка, едни те исти мисли дека згреши што се обложи, дека згреши што го спомена стрика Анѓела, дека којзнае што ќе излезе сега од сето тоа, дека кога ќе дознаат за тоа Максим и Костадин Дамчески крај нема да му има на срамењето, го штрекнуваа и го седнуваа во постелата.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
— Кој умре, прашувам, како од некоја дремка да сум излезена.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Сум подвлегла во некоја тивка дремка и ги сонувам оние од кои се плашам.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
И сите, некои сосила ѝ се тргале на дремката, чувствувале како да пуштаат од олтар на своја тврдина гулаб на надеж кон светлост пламната од нивната здруженост што раснела од сфаќањата и неслогите на она проклетство за кое им говорел можеби некој од умрените или загинатите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Мојот другар собра суви гранки и смреки и запаливме оган. Од топлината нѐ фати дремка и заспавме.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Да се подмлади ли пред нив со раскажување за Негушкото востание од кое, и со негова заслуга, се тргнала од слатка дремка султанската земја во која везирите и пашите, не само Лобуд и Јанински туку и сите други што не ги знаеле, помодрувале?
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Полека тонев во некаква чудесна дремка...
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)