дрпне (св.)
А вие, клети ајдуци, од огин раци дрпнавте, пламенот уште не вивнал, и се во дворци прибравте.
„Песни“
од Коле Неделковски
(1941)
Бргу, Буче, земи, однеси го дома ,на мајка ти, и побргу донеси му го цедилцето на стрика ти Стевана, си има работа, да не го задржуваме! — и просто му ги дрпна од раце цедилото на Стевана и му то даде на Бучето, кое веќе си ја знае должноста понатака, а тој го продолжи разговорот со Стевана, кој засрамен му го пушти цедилото со сирењето.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
„Види, види, песјачката една! Малку ѝ беше шо ми го дрпна Илковиот дел, за велјо чудо ќе ми го прелаже и браче Трајка".
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Се завртоа три пати околу бурилото и дедот поп го прочете отпустот, им дрпна пак неколку благослови, си ги собра „алатите" во торбичката, а Илко и Доста им бакнаа рака на сите.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Вардеше само да може да го погоди оној миг, кога тоа прегладнето копиле ќе се обиде да му се приближи; важно беше да не му допушти да му се приближи така, за да може да го дрпне одзади со онаа своја шилеста муцка, друго ништо не можеше да биде важно таму назад.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
кој знае да свири на гајда, прашува со полна уста јадење, и ние со очите го предаваме Флорина Богданоски и Флорин ја донесе гајдата и ја наду и војниците почнаа да ѕенѕаат со газот и тогаш се налути тој старшијата и од раце му ја дрпна гајдата на Флорина Богданоски и, гледај како се свири, му вели и ја дуе гајдата одново, му се црват образите, му се шират како и гајдата, и војниците стануваат, се фаќаат околу трпезите црквински, пијана работа, се фаќаат околу трпезите и после нѐ натераа и ние да играме, а тој свири, беше знаело мртвото, ако војник, беше знаело да свири и ние се фаќаме, било пишано да играме пред мртвите,
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ќе ги завтаса војниците, ќе им дојде со здивот зад петици, и колку да ги дрпне за ногавици, ќе подзапре, ќе нѐ почека.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
и се враќаме пак назад, по истата трага со лазење и го наоѓаме Бугаринот кај што го оставивме, можевме и да го отепаме, ама ај, си велиш човек е, може тој ќе те носи ако те ранат, и што да правиме сега со тебе, му велиме, што ќе кажеме за тебе, а тој - вие сте ми мајка, вие - татко, ако ме кажете ќе ме стрелаат и нѐ моли, ни ја пика главата под колена, се митка ко живинче, се уплашив, вели, ама да не кажеш ти, му велиме, не, вели, уплашениот е секогаш уплашен, ме фати голем страв, вели, ме сопна и не можев да се помрднам, и го целива ножот, се колне и после фативме двајца Грци и тие ни кажаа дека ќе нѐ удрат два полка, еден грчки, и еден англиски, и ноќта зедовме наоколу сѐ миниравме, ископај чиневме дупка и наполни ја со дробен камен, со чакал, и среде камењата ќе врзиме по пет бомби во китка, со тел, сите дупки ги врзавме со една жица и кога наближија војниците, ги дрпнавме мините,
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Нели такво нешто прават подлеци, кој се осмелува од гладни деца да скуси, од нивниот касај да дрпне?
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Кога ми стасал Ѓурчин Кокале, опаша силјав - појас посрмен, на појасот сабја наточена, па се фрли коњу в половина, дрпна узда, дупна узенгија и привтаса црна Арапина.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Значи, вели Цветан Велјаноски, на Мустафа ефенди не му е доста што тој нѐ одбира, туку нѐ потклава и пред валијата и пред владиката, за и тиа да можат да дрпнат некоја пара од нас.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Рачињата му биле меки, нечујни биле, петоглави гуштерчиња во човечка кожа. Ќе се подадат, ќе дрпнат.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Крадец, можеби и чекмеџето му го дрпнал од појас.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
И тамам јас да влезам во таа просторија кога гледам дека тие веќе влегле, зеле што зеле и сега божем потплашени од мене бегаат, се кикотат затоа што ме оставаат со чувството ниту дека знам дали нешто зеле ниту пак што зеле а по сѐ судејќи дрпнале нешто.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Збунет, се обѕрна в лево и в десно, го забележа моливот во раката на Мицета Кокалески до него, му го дрпна од рака, зачука со него по масата и повтори: „Тишина во салата!“ рече затропувајќи.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Прво го дрпна за ногавици еден од реонско ниво.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Птиците преселници често ги фаќа дремка, па дури отпосле ќе разберат дека градот станал арамиско гнездо – што окото ќе види, раката ќе дрпне.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Крадец на крадец ништо не му краде и откога Прометеј се истопори во центарот на Скопје (првин угул гол потем со наметка на алтипатлакот) и свика на бадијалџиската толпа: аманте бре, луѓе, за тоа ли толку се резилев и го маткав оној зевс додека му го дрпнав огнот на хефест за тоа ли се мачев да ве научам како се пали огнот - за вие да ги распалите сите шуми и гори македонски сите до една опеани во заборавените народни песни - колку огнови сте украле, толку пожари да распалите.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)