езерски прид.

езерски (прид.)

122. Георги Баласчев (1869-1936) од Охрид е историчар и публицист, познаник на Мисирков од заедничкиот престој во Белград (1889) и во Софија (1890), кој во времето кога се ставаа основите на ММКД, под псевдонимот Езерски, ја објави првата книга на македонски јазик за „лозарското” движење „Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци…” (Софија, 1890).
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тој одново усети дека се лулее на езерски бранови и клепките му се склопија, тешки како налеани со олово.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Не мислеше ништо, не слушаше шум, а земјата под него се лулееше како езерски бранои; му се стори како да се наоѓа на каик, а модрината на топлата летна ноќ му се причини како лесно разбуричкани води на мирното езеро.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Птица устремена. Стрвнина. Исправен нор со закана .. Глуне езерска поврвнина, модра од тага, исплакана.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Ледено спокојство. Езерска шир. Тишина. Скаменет мир.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Климент се враќаше со своите мисли во минатото и пливаше по него, како среќен рибар, кој со полн чун риби вплива по езерските далечини...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Како да извираше и како да се креваше од бистрата, мирна езерска вода со безброј чисти, светли души - утрото заигра во воздухот, се крена над стариот град, стегнат од сите страни со дебели ѕидови за миг го искапи, го осветли и го оживеа со својот трепетен сјај.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Овде останале само езерските самовили, запрегнале бели ракави и почнале да градат голем, светол дворец сред недостижните езерски длабочини...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Но во детството тој веруваше во легендите на својата земја: езерските пастрмки имаа црвени дамки на крлушките од крвта на ослепените очи на Самоиловите војници; во некој бунар тропаше срцето на светецот Климент; Крале Марко со една рака дигал биволска запрега за да им го покаже на јаничарите патот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ноќта народот полегна на бреговите на Езерската земја А кога се разбуди забележа мирис на исгорено жито И многу смолница и планина скршена од магли.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Заодот на сонцето остави вжештен црвен вресок на небото и оѕверен одблесок врз површината на езерската шир.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Поради челичниот одблесок на езерската шир и ненавикнатоста на очите, мракот сѐ повеќе и повеќе се втестуваше.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
По рибите, стаса поморија по добитокот, по ајваните; заболените добичиња и живинчиња: телињата, овчичките, козите, кокошките, лизнуваа од езерската вода како од иљач и - или оздравуваа, или со капките в уста умираа; лежеа така додека луѓето не ги кренаа и закопаа или додека чакалите и другите мршојади не ги исчистеа.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Синот III Ова зајдисонце го затечува во изненада твоето лето крај езерските води.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Ги меша житниот корен со семето од макот и од езерските дланки вечерната ѕвезда ја ближи.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Гледаа до каде бранчињата го отиснале чунот на езерската шир и дали доволно се избегани од селото каде што понекогаш во утринската тишина ќе ја чуеја камбаната која огласуваше нечија смрт.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Но, зарем не ме учеа и дека личноста е како езерската вода, која штом ќе се заграби, се разбива на многу капки, на мноштво води, од кои секоја самостојно истечува, заминува од допирот.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Само езерските бранови, старите семејни бранови, ми беа единствените пријатели во просторот, само тие ме водеа кон среќните архипелази на некогашното постоење на овие простори.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Уште чекор, два и крај, до езерските води до границата.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Во овие немирни води се криеја безброј невидливи јагули, покрај пастрмката позната како летницата (има неколку видови летници кои само рибарите ги познаваат, како белауста, мајојца, адуница и други), кресница (вид пастрмка), крапотник (најголема езерска пастрмка) белвицата, крапот, плашицата (езерска „сардела”), скобалот, кленот, мрената и мноштво други ситни риби како грунецот, моранецот и шлунецот риби.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Повеќе