житница (ж.)
5. Таква е, гледана однадвор, пуста и ненаселена, наваму од крајот на последната Голема војна, односно наваму од принудната колективизација, и нешто потоа, откако ги зафати луѓето емиграцијата, таа самоникната и безимена потковица среде Бакарно Гумно, која, спуштајќи се благо по голите падини на ридиштата, на запад и на југ, сè до мелиорацијата (пред десетина години ја извршија доброволно младински работни бригади; покрај бесплатна исхрана, работничка облека и плускавици на дланките, младинците имаа и задача да ги шират меѓу себе љубовта и братството) се преточува во ливадско земјиште (сега сушно и неплодно) испресечено со мртвици и блата кои, пак, се вливаа во Црна и во кои заедно со стотици видови барски и преселни птици живееше и лошиот дух на маларијата, а на исток и на север, односно на североисток и на северозапад, сѐ до мариовските планини, односно сѐ до Прилеп и сѐ до крушевските планини, во житница и тутунско поле.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)