жолчка (ж.)
Бидејќи лоши многу биле децата, го удриле од земи старецот и беше му пукнала жолчката на часот.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
До врвот на јазикот почувствува дека му прсна жолчката горчливо разлевајќи се во секој негов мускул, во секое конче на неговото месо.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Со нив ги лечеше сите болести; ги употребуваше за стомак, за срце, за глава, за жолтица, за кашлица, за задув, за несвестица, за прочистување, за жолчка, за глисти, за треска, за смирување, за мајасул, за приштови и други несреќи.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
11 Мотив: рана пролет: Брегот на Профим зазеленет; неколку јаболкници и праски избрзале, порано расцутеле, се преливаат во алови и бели бои; по падините на брегот излетале и првите жолти цветчиња расфрлени како распукани жолчки; белее куќата на Профим, која е скоро варосана, а покривот црвенее како тукушто пресечено месо; по брегот пасат неколку овци, кои, чиниш, не се движат, небаре стојат во излог за детски играчки; еден коњ слегува по патеката со крената опашка како да лебди во воздухот; две шареникави добичиња, крава и вол, со издолжени вратови брстаат по зеленилото спуштено ниско и се допираат, се чешкаат со колковите; по коњот оди човек (веројатно Профим) со лимена кофа в рака; на кофата е паднато сонцето и облеснува; нишајќи ја кофата, човекот како да сака да го брецне сонцето; друг некој (веројатно Скрче) се шета низ бавчата, оди од стебло на стебло и ја потпира главата на нив, како да ги гризе.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Медот е лек за сите болести; нема болест што не ја лечи: тифус, офтика, дизентерија, гушоболје, малокрвност, болки на срцето, на џигерот, на жолчката, на бубрезите, нервни заболувања, настинка, ревматични заболувања; го регулира притисокот на крвта, помага при несвестица, слаб вид, астма, ја штити кожата од лишај, красти, првут, струпци, спречува труење, зарази, уништува бактерии.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Сѐ се потпира и се држи за ’рбетот, вели, ’рбетот е темел и скеле на скелетот, гледај да не ти пукне жолчката, вели многу ќе горчи месото, вели Лазор Ночески и само сече, го дели месото, го складира.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ќе се спрпелка во огнот, а огнот ќе му ги опрли влакната, козината, ќе го соголи и ќе му го земе здивот. Ќе му ја пукне жолчката.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Топлата сулфурна вода лечи разни болести: реума, ишијас, чир во стомакот, мајасул, начеток, егземи, астма, црвеница, жолчка, бубрези, катар и многу други болести.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Онисифор Проказник пак прашал што ќе се случи ако не го најдат тоа, и веќе никој не знаел дали мисли на жолтеникавата грутка од говедска жолчка или на моќната вода од диви краставици.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
- Говедска жолчка, побрзал Пандил Димулев. - Да бараме говедска жолчка и грутче во таа жолчка. Тоа било доволно.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
И само тие знаеле дека во жолчката на секое стото воле од овој свет може да се најде грутка по големина и по боја слична на жолтка од сварено гулабово јајце.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Ги префаќам како божем да не допуштам жолчката да ми истече од месото на дното на садот.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Како што свеска ми ја лизга својата топла, сѐ потопла дланка нагоре по мојата нога така јас си ги превртувам гениталиите во дланката како кога размесуваш жолчка во мелено месо за ќофтиња.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
ЕВТО: Оди измети го уште еднаш. Да ти излезе жолчката.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Некаде помеѓу белката и жолчката на космичкото јајце, пулсираше живиот човек, со огромен потенцијал од битија, во зачнување, но никој не беше моќен да досегне до лушпата, уште помалку, надвор од маргините на космичкото јајце, надвор од моќната обвивка на Земјата.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Шушка коприната
на незаборавот
глода свеста
гризе совеста
јаде жолчката
копнее желбата
се топи, се впива
во лебецот на јазикот
а јазикот е совршен акробат
во несовршениот циркус
на историјата
чијашто кожа е дребна
бродерија
скапоцен марифет
народот е и врач, и враг
Боже благи.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Земјата е жолчката која од вртежот фатила тенка кора, врз која живиот свет атерирал од некаде, се населил или никнал – сеедно.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Ако не ме заболеше бубрегот, немаше да дознаам дека имам повишен холестерол, па можеше да ми настрада и жолчката.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
За несреќата да биде уште поголема, заради констатираниот камен во жолчката, веднаш беше префрлена на хирургија. Итно беше оперирана и од оваа напаст.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
На сета исцрпеност од мачењето што трае со часови во предродилната сала, каде освен блискиот „дејт“ со сопствените маки, сведок сте, сакале или не, и на малтретирањето на сите што решиле токму денес да слават роденден во следните години, да сечкаат за „руска“ и „француска“, да месат кифли од киснато и лиснато тесто и да матат жолчки и белки за Васина и Реформ торта.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)