залет (м.)
Се извиваат голи ветрови фатени во мрежата на улицата и немаат залет па притиснати од тешките облаци ја стружат влажната калдрма, претпазливо лизгајќи се низ млаките барички.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Неговото тело свикнуваше да прибере само толку сили, за уште еднаш да се зададе во уште еден залет на тоа пеколно пробивање, превиткувајќи се и цепејќи го тесниот премин низ сета непроодност на сивиот ѕид на угорницата, по која пред неговиот поглед почнаа да му се испреплетуваат и некакви синикави кругови, недофатливи, ужасно изгаснати и вртоглави.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Нив тој ниеднаш не успеваше да ги најде и да ги погледне отворено; кога ќе ги побараше, застанат за да здивне, тие просто како да се стркалуваа, притискајќи се зад стеблата, за да наизлезат оттаму уште веднаш, штом ќе заминеше во новиот залет.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ги сретнеш ли залет земај – пат под нозе, да те нема!
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Дадоа залет небаре прерипуваат незгодно трапиште.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Стоп, стоп! – подвика Дедо Мраз кога предните нозе на елените, понесени од залетот, се качија дури по главата на човекот па додаде – Не, не, до колку мислите да ме ожените, Ви се колнам, нема да се согласам оти мојот збор не паѓа во вода, ме разбравте ли?
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Каде руските инвалиди прават замоци во песок а рибарите земаат залет.
„Три напред три назад“
од Јовица Ивановски
(2004)
Но притоа напоменав дека не станува збор за пречки што со залет можат да се прескочат.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
И почнуваше ерата на нивното владеење, падот на кривата, немоќта, која не беше симетрична со залетот кога се стремеше да ја заземе власта!
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Арафат тие денови беше во целосен револуционерен залет и занес.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Како да бев и јас во залетот на кривата на мојата дипломатска амбиција, макар што бев свесен за лимитираната улога на амбасадорот, со кого вешто раководеше Централата, а го надгледуваше семоќниот шифрант Петар Иваз!
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Што, по ѓаволите?!.. Грандиозниот залет заврши повеќе од неуспешно.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
1 Ваквата состојба на духот овозможи странските инвеститори да стекнат речиси мисионерски имиџ – од нив се очекува да нѐ избават од кризата, овозможувајќи прилив на капитал врз основа на кој економијата потоа ќе фати залет.
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
Во времето кога и обајцата беа на маргините на новата држава, во која бавно и тешко фаќаа корен научните, образовните и културните институции, обајцата нескротливи идеалисти, но надарени со длабока и изворна хуманост, која ретко се сретнува во тие времиња, пресечени во залетот од бирократизираните и кариеристички ориентирани млади кадри, со партиски амин, тие си ја доградуваа нивната нова среќна балканвавилонска тврдина.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Вистински беше среќен во својата балканвавилонска библиотека од каде од чардакот на куќата како да земаше залет со своите нови идеи да ја прелета Тврдината, да ги мине границите, кои беа запрени во него и се бореше да не продолжат и во неговите деца.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)