идеалист (м.)
121. Националниот сепаратизам се должи на српски воспитаници идеалисти што работат под српска маска, а во душата своја се признаваат за Македонци; српските воспитаници, со своето образование во Србија, се образуваа во национален дух, наместо во национален индиферентизам во Бугарија, иако некои од нив целосно не престанаа да се викаат Бугари, но меѓу нив и Македонците со чисто бугарско образование и самите Бугари се отвори една голема пропаст: тие со своето образование застанаа на средината меѓу Бугарите и Србите, т.е. викајќи се по традиција Бугари, тие престанаа да се такви во својата душа: тие станаа Македонци.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Како вистински и доследен идеалист, тој сосема го укина дуализмот меѓу битието и мислењето, и на свој мистички и идеалистички начин го воспостави нивниот полн идентитет: и материјата на објективниот свет Хегел ја претвори во развоен процес на „светскиот разум“, чиишто категории вечно се движат по законите на една посебна логика.
„Значењето на Хегеловата филозофија“
од Кочо Рацин
(1939)
Со Хегел навистина заврши блескавата епоха на филозофскиот идеализам и сите филозофски идеалисти по него само се голи интерпретатори на она што е дадено од Кант до Хегел; филозофскиот идеализам по Хегел стана излишен и своето огромно филозофско наследство му го завешта на дијалектичкиот материјализам.
„Значењето на Хегеловата филозофија“
од Кочо Рацин
(1939)
Додека има идеалисти и глупаци, сиве овие истории ќе се повторуваат.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Со сета предност и сиот баласт на своите млади и непрегорени години, Живко Чинго се вредува во нашата книжевност како еден од ретките (и: дали - последните?) писатели идеалисти, ако тој збор пред сѐ, го сфатиме како антитеза на инертната, бескрвна, апатична незаинтересирана и апстрактна симболика на рамнодушните.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Како исклучив идеалист многу лесно станува жртва во стемпедото на идиотизмот.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Идеалистот Винсент повеќе сака да го уништи целокупниот свет - стрелајќи во себе, тој ја поништува сопствената свест во која се содржи севкупниот универзум, „убивајќи го“...
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Само наивните, односно лошо информираните дипломати или непоправливите идеалисти остануваа оптимисти во одбраната на земјата која ја претставуваа.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Тој се сети и на другите балкански идеалисти кои црпеле од бескрајот на париските цивилизациски, уметнички, стилски, културни и други цивилизациски вредности на хуманизмот, ренесансата, класицизмот, рационализмот, реализмот, импресионизмот, авангардата (со кубизмот, надреализмот...) и се враќале во малечката родна земја надоени со уште поголеми дози на идеализам.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Во времето кога и обајцата беа на маргините на новата држава, во која бавно и тешко фаќаа корен научните, образовните и културните институции, обајцата нескротливи идеалисти, но надарени со длабока и изворна хуманост, која ретко се сретнува во тие времиња, пресечени во залетот од бирократизираните и кариеристички ориентирани млади кадри, со партиски амин, тие си ја доградуваа нивната нова среќна балканвавилонска тврдина.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Поради тоа би можеле да нѐ наречат идеалисти, макар што некои велат дека сум бил роден анархист.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)