истресе (св.)
ТЕОДОС: (Му подава шамивче.) На, ти се молам, истреси...
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
- Да, на камен се збуни Кузман, стана од земја и ги истресе сините ногавици извалкани од прав. - Таков е животот.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Митра стана, се истресе, си ја заврти косата и почна да тажи на глас и да колни.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И уште сонцето ја немаше истресено росата од тревјето, тој веќе се спушташе кон селото од Дика.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Требаше, сега ти можеш многу добро да го знаеш тоа, требаше, со чекичот, што го имаше заборавено в појас кога тргна по коларот, а патем го пронајде таму и го зеде в рака да не ти се истресе некаде, требаше, со тој чекич, што се меткаше сега во твоите празни, издолжени, тешки и увиснати раце, требаше со него, по главата и да го пропаднеш на днуземи, тогаш, додека стоевте.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
И можеа тие неколку дена, додека се искрадуваа, да ги гледаат пренатрупаните патишта со сиот имот на државата, беше како некој да ги имаше истресено, исфрлено, крај главните и други друмови, сите државни магацини, сите воени резерви, сите комори, заедно со нераспрегнатите коњи и сите други воени возила, запрени, или стркалани крај џадињата.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Таму го испратил главниот инженер за да подигне нешто тешко, или да ги истресе килимите, а таму беше и таа жена, таа коза, што се фрцкаше често по градилиштето со своите пењоари, или пак со градите испрчени напред под својата жолта блуза.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Трајче одвреме-навреме ќе застанеше, ќе го истресеше песокот од искинатите опинци и пак ќе продолжеше.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Би сакал да станам и некаде да одјурам, да се растрчам низ селово и сѐ ова што ме мачи да го истресам некаде. Но постелата ме држи како закован.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
- Истресов товар глупости, па сега затоа не ти се јадат.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
- А, - се насмеа доктор Коста. - Па тоа е некој градски збор. Го истресов онака, без да мислам.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Се наведна, ги истресе од својата коса светулките што ѝ ги посипа Бојан, па без збор стрчна низ ливадата, се нурна во темнината.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Шишман дури тогаш, откако својата матарка ја стави в раце, туѓата ја преврте и го истресе камчето од неа.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
А си се пораспашала малце да и поистресиш б'ите, ете ти а некоа чанта, се враќа од градините, ќе ти се истресе и ќе те затече распашана; ја некој косач, гумнар, жетвар.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Двапати годишно доаѓа од печалба: еднаш на Спасовден, на празникот на добитокот, и еднаш на Вртолум кога Бандо, исплашен да не му ја урне куќата, му ја истресе пушката во него.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ќе вртиш цел ден околу стожерот, ќе цапаш низ населените снопје дури да го истресиш зрното, да ја изџвакаш сламата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Непријателот тоа го чека, а и капетан Мирковиќ тоа го чека: некој да лавне, и да му ги истресе забите в уста.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Отидовме, ама без шише пак не оди. Ја истресе сливата и си седна во браздата. Се одвали вака.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
- А како бре, главчо, ќе ја истресеш или ќе ја излижеш од себе таа миризлива бела или сина или каква друга кралска сапуница? А? Добро вели човекот. Под туш! Само под туш! Раскажувај, другар!...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
„Ќе се истргнам и од овој мрак, ќе го истресам правот што овој пат и на овој пат легна врз мојов шинел, ќе се истурам на широк мегдан, ќе исчекнам и не итаница, ами полецка ќе стигнам онаму кај што ме чекаат другарите.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)