кат (м.)

О слушај ме, ти можеш да слушаш крик мој секој пат: Час побргу ти сврзи ме со либето, мој боже, во твојот рајски светол кат!
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Може ли да се претскаже каква ќе биде судбината на Македонија под Австро-Унгарија: Босна и Херцеговина јасно ни покажуваат оти не ќе поминат ни 10 години од австриската окупација кога ќе зафатат Македонците, без разлика на вера и народност да си ги оставуваат своите катови и да се иселуваат.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Во дното голема и убава куќа сѐ до катот ѕидана од камен, а самиот кат од убаво изработена дрвена конструкција.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
На првиот кат, во должина од целата куќа, балкон напред ограден со железа извиени во форма па шарои.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Стани мало... (Ce спушта накај сандачето во катот и буричка внатре.
„Гладна кокошка просо сонуе“ од Блаже Конески (1945)
Тој може би сега завиен во студените крила на ноќта, се сеќаваше за домашниот топол кат, кај што пикнат под јорган не го слуша пијаниот глас на татка си, кога ќе дојде доцна од град ни плачните прекори од кај мајка си.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Од отворениот прозорец на првиот кат ме стрелаше со вкочанет и потсмешлив поглед намразениот професор по јазик и историја.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Иии, откако се стори мајка веќе и ноќот — ден го правиш! Ни на кат, ни на пат работата не а оставаш!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Од десната страна на огништето слободниот простор се вика „машкиот кат“, а од левата — женскиот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На машкиот кат не се оставаат никакви предмети, освен троножните смрекови или тисови столчиња на кои седат домашните и гостите, доколку не седнат на билото.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Во тоа време девојките во ќошот на другиот кат ја прегрнуваа другарка си Анѓа, се бакнуваа и исплакуваа, радувајќи се за нејзината слобода, засипувајќи ја со разни неврзани прашања.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Зареве борејќи се само со раменици и со глава. Врело и несопирливо, како метална жица, неговиот глас се проби низ клучалките на катот и се забуцна во напрегнатиот слух на станарите.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ги виде во модрите ниви голите страшила, нивните очи полни со страшна празнина и рече - попе - не - попе, душата ти е празна а можеше на неа на три ката да ја сместиш малата Јана.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Пак е оној од третиот кат.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Собата е на горниот кат, над кафеаната. Скалите крцкаат под неговите нозе.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
ГРАДИНЧЕ Во една голема зграда, таква какви што има многу во нашиот град, зграда со многу прозорци, врати, балкони и скали, таму некаде на еден од трите катови живееја едно братче и едно сестриче.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Беа високо качени, го ѕидаа вториот кат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Истрча на балкон и виде: - долу, во длабочина, три ката под неа стоеше еден човек, а на рамо држеше плиток сандак преполнет со прекрасни, шарени темјанушки.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Мајката ја остави работата, ја зеде нишалката и водејќи го малиот за рака слезе од трети кат.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
А Лидија, која живееше на подолниот кат од неговата зграда, му стана најдобрата пријателка.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Повеќе