лунѕа (несв.)
Понекогаш и откога ќе си легнеа децата, се искрадував и како сенка, како ошумоглавено живинче лунѕав крај ѕидот.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Дали само лунѕа, безнадежно талка или, и таа, скапува заедно со него?
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
А неоти знам кај се враќам, ама лунѕам, си ѕипам.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Кога се вратив дома, ѝ пишав на Агна за моето лунѕање по маказарскиот предел.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Лунѕав однадвор околу олтарот, каде што имаше еден гроб, очигледно многу стар, со остатоци од искршена плоча.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Тие денови селскиот старешина беше зафатен, како што ни раскажуваше самиот, со идеите и волјата на еден голем добротвор, трговец од Маказар во Истанбул, по име Никола Поцо, да почне изградбата на нова црква, да ископа голем бунар насред селото за доброто на жителите кои лунѕале по вода наоколу по изворите, да го поправи за своја сметка расклиматениот мост на Маказарската Река и уште некои други работи.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Миграции
Наведнати за да ја допреме
со рацете, со очите, со думата
тонеме во безсознание
сѐ додека не се привикнеме на агонијата
лепливо индиго на амнезијата
нечитлив препис
акутна миоптија
мултиплицирани глетки
сѐ додека не почнеме да наѕираме
тихи обриси
да насетуваме смисла
а таа, пес бездомник
куче скитник
шуткана натаму-наваму
зависно од традицијата
од стомакот во гушата, во душникот
аурата, срцето
долж стопалата
по врвовите на прстите,
ко подноктица
сателитска антена
inter-link, inter-face
нешто невидливо нечујно
светликаво мрачно
мазно бодликаво
нешто кое држи до себе и до слободата
за да може да влегува и да излегува
кога ќе посака, да лунѕа
севезден
ни таму-ни ваму
разбиена идеално
дома, не-дома
таа, а не-таа
своја, а не-своја
секогаш кога ќе се разместат фигурите
ќе се затнат вентилите
огништето се згаснува
наидува поларен студ
- 51° Целзиусов
пука филмот
прскаат шавовите
напукнуваат ѕидовите
се прецртуваат границите
се митари митот!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)