мекост ж.

мекост (ж.)

135. Иако Мисирков и во текстот не ја употребува оваа антиципација на мекоста, овде веројатно се работи за печатна грешка, па наместо туѓа треба да стои тујѓа.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Арсо ја сеќава на образот топлата мекост на Анините гради.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Втонуваат колената во влажна мекост.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Арсо ожесточено го закопува длетото во влажната мекост на нечие тело и се сепнува од тоа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Втисни белег во нутрините на нејзината мекост.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Сонот го следеше својот тек: и во него први беа скалите, дрвените скали на старата куќа по кои се качува, па кујната со маса наместена како за ручек со шарен извезен чаршав, соларник на сред и четири чинии околу, потоа надесно, кон собата во која спиев со Мајка, таму, веднаш таа-лежи на креветот, до половина покриена со јамболија под која ја насетувам мекоста на крупното тело.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Наместената мекост и подбивност исчезна, а некоја отворена и груба жестина, која постојано се надолеваше, почна да ја заплискува одајата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И почитуваниот Богдан Јанков имаше еден таков свој континент, делче на светот што само нему му припаѓа и за него е непроменлив: ја одржува мекоста за нечујно чекорење меѓу проѕирни габери, бресилки и дабови, и за негово лежење, детски, ничкум, со чело на синкав мов, под јата златоперки, или жолтавки, или саријасми, како што одамна со туѓ јазик се викале денес се сосема ретките и скоро заборавени преселни птици, по боја и по необичност блиски, поточно слични на парче сонце.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Тој звук зачудо, со првата наквечерина, сега се оформуваше пред мене во проѕирна стројност и јас видов жена во движење но таква како недоразвиен развигор да лелее некоја мекост.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Се држевме за малите прсти додека се опивавме од виното од кристалните чаши, последниот за заеднички подарок на нејзините разведени родители, додека ги разурнуваме, анализиравме и повторно, со итра победничка насмевка, ги градевме нашите вродени и здобиени емотивни комплекси додека гледавме како ѕвездата на новиот филм ја шмукува мекоста на остригата, додека ги одморавме телата, а во очите, низ единствениот прозорец на студиото, неосетно ни заспиваше жолтата градска есен.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Ако му е судена загубата да претежнува над радоста, зарем присвојувањето на овој отисок што занесот на боженскиот танцувач го оставил во мекоста на каменот, не го претскажува конечниот пораз?
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
јас гледам дека сум болна- мојот испокршен лик - промените од огледалото ме ужаснуваат - сѐ на мене е непостојано - изразот - погледот - обликот на усните - сјајноста на косата- мекоста на тенот-
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Осаменоста и безбедноста беа физички чувства, помешани на некој начин со уморот на неговото тело, со мекоста на фотелјата, со допирот на благото ветре од прозорецот кое си играше врз неговиот образ.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Имаше некаква посебна мекост, како на дождовница, и во бојата и во текстурата на стаклото.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Дури и оваа негова мекост беше природна и таа го почувствува уште поблизок.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Напнатите и испиени црти малку му попуштија и таа долови мекост во тврдиот сјај во очите на Боб, но во следниот миг лицето се повлече зад неговата засрамена маска.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Комисијата за избор ја интересираше формата на градите, нивната тврдост или мекост, нивната подигнатост или спуштеност, потоа должината и формата на брадавиците; должината на нозете од горниот дел на бутот до колената, и од колената до петиците, раздалеченоста на нозете во горниот дел на меѓуножјето (посебно беше важно дали има таму триаголниче за ѕиркање од другата страна, за ѕиркање однапред или одназад, сеедно).
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Е навистина многу сте убај, па вака убо дотерани - како бели гулапчина!“ рече со насмевка и голема мекост која му зрачеше од очите.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Допирот и стисокот не беше обичен. Истото ова чувство на мекост ја потсети Ивона на допирот на Викторовата рака. Истата збунувачка топлина и мекост.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Беше магија што многумина ја сонуваа и сакаа да ја допрат и да ја почувствуваат нејзината убост и мекост.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Повеќе