мов (м.)

Зачмаената улица оживуваше. Како матен порој ги валкаше во мов удавените луѓе - себични и нечовекољубиви.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Можеби. Или не беше ништо. Но сеќавањето копаше по своето дно, пребаруваше, го разгрнуваше мовот на заборавот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Оваа есенска магла е лицето на смртта густо од едно имитирано лепило густо од еден одвратен шепот што сака да е интимност густо од еден поглед преполн со излигавен мов Таа маска на смртта ги заканува гранките осамотени на кејот.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
4. будење Тогај се ведрам полека смеј се напоено време по тебе место мов израстуваат огромни мостови што укротени води ги враќаат во своите токови Оваа населба од сон заборави на лазење штом себеси и неа ја крена на крупните рамена свои
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Но и јас сум гранка на брегот од животот што расте па колку да ми се смрзнати и румени и нејаки прстите ја сечам таа одвратна лизгава маска од мов црпејќи сили во споменот на нешто зелено зелено (ДОЖДОВИ)
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Знаеше, под мовот на гаменовата веселост лежеше лутица, змија до опашка полна со отров.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Внимателно го крена ’рѓосаното железо, изгравирана глава на лав, што висеше на она крило од портата кое не се отвораше при секојдневната употреба и околу кое беше напластен од страните мов, а од долната ивица, напролет никнеа тревки.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ги чувствуваше налепените погледи на неговото лице, одвај зафатено од златникав мов.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
А наеднаш како мов, подводна трева, меѓу неговиот поглед и она малечко, долгоуво главче на неговото срнче, се залелка и се отвори сега на еден сосема поинаков начин, зародена прво во него, а после одразена од него и во овие питоми очички на животинчето, познатата непремостива провалија; му се врати на еден само негов начин, а веднаш со неа и едно зачудување во него како можел да ја превидува толку дена.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Целата пештера беше покриена со зелен мов како кадифе.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Се обидува да прочита некои дамни врежани букви, обрастени со зелена мов и нечитливи.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Но братучедите и не брзаа. Кога мислењето почна да ги заморува, Србин седнуваше под еден даб, ќе ја тргнеше капата над очи и ќе замижеше, а Шишман со ред, како да плеви, го корнеше мовот од карпата.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Речиси и немаше трева. Само ниска сребренеста мов.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Врз правта мовта лежи врз неа неблагодарното време на заборавот.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
И времето во него неблагодарно да легне и мовта да се веди по неговите гробишта расфрлани и заборавени во долот.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Каменот умира ранет во полето на троскотот по снагата му пеат лишаите и мовта.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Квечерина ја раздиплуваше известената војничка карта И на неа се мачеше да го распознае својот глас Врз полегнатата војска низ полето Ја корнеше мовта, го соголуваше камењето на тврдината Раскопуваше низ полето, ги чистеше рововите, И некаде на залез, студен ветер кога надоаѓа од замаглените ѕвезди, Тој долго стоеше простум и со војнички поздрав сам си ја пееше песната некогаш што ја пееја неговите момчиња: Отвори ја вратата, можеби ноќва ќе се вратам...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Се потпирам на една бука, така со челото на мовта, како на небричен образ од некој роднина.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Едни таму виделе жена, која била млада, угул гола и која се покривала само со косата, црна како капинка, други, пак, велат дека таму имало еден ливод, кој личел на светец, со брадулче, но телото му било долго, голо, обрастено само со мов, со опашка, дебело и без нозе.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Имено, таму кај што се вливаше Алинска Река во Бучинско Блато, нешто подолу од утоката, кај врбите на Свето Враче, во најдлабокото, веруваа дека се сокрива некаков ѕвер, за кој кажуваа дека има мали куси и дебели нозе, кој е мрк, то ест по целото тело обраснат со сива мов, жителите на Потковицата и жителите на сите околни села го викаа Кобникот или само Бучалото.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе