насети св.

насети (св.)

Ние децата прв пат го слушавме ова и веднаш насетивме дека ќе имаме што да чуеме.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Ако ги чуе или насети може да побегне или пак да се нафрли на нив.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Арсо можеше да насети што значеше сето тоа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И тоа сега како да насети нешто и се смири крај него, воопшто не покревајќи го погледот кон неговото лице, а сепак со онаа постојана подисправеност на својата главичка и со една чудна питомост во својата стојка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сѐ беше така подредено кај тоа старче, што Змејко можеше зад секој негов гест да ја насети онаа негова чкулава рачичка како влече полека, како глувче, кон себе, кон себе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Иако не постоеше никаков поим за време, сепак еднаш кога времето можеше барем малку да се насети, тој беше сигурен дека сето тоа морало да трае многу долго.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во почетокот на оваа учебна година учителот веројатно насети нешто и ни наредни повторно да ги прередиме клупите и да се разместиме меѓу себе: - Не сакам да чујам за тие ваши поделби: горномаалци, долномаалци, - рече намуртен.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Како да насети нешто таму.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Во неа ми мина векот, - рече, а потоа се сврте кон Денко, во чии очи насети чудење и рој прашања, па му објасни: - Можеби не знаеш, немале време да ти кажат, ама зимоска си ја запалив колибата, јас старо аро, изветреано. Пламна, милата, како ќибритче.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Брашното во паницата уште стоеше неначнато, но Бојан знаеше дека штом срната малку ќе се ослободи, штом ќе навикне на него и ќе насети во него пријател, штом ќе привикне на колибата, ќе побара и да јаде.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сигурно дека некаде длабоко во душата му се родило сомневање, просто ја насетил вистината, но сѐ било неповратно.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Со години стојам збунет пред бесконечниот список на имиња на ѕвезди и болести, на месеци и на денови, на села и на цвеќиња; со години се мачам да ги насетам сенките на звучната линија на македонските придавки со години си живеам во прелага дека еден ден поодблиску ќе го запознаам, поодблиску ќе ја насетам сензначноста на емотивниот и мисловен предел на македонскиот збор.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Може да биде облачно претпладне во јули: Вкус на пепел може да се чувствува во воздухот; може да се насети и мирисот на дрвото што се топи на огништето; да се почувствуваат натопени цвеќињата; да се прошета усаменички низ опустошени шеталишта...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Среќа, си мислеше, што е замрачено и што тој седи така, наведнат и загледан пред себе, во жарчето на цигарата што ниту угаснуваше ниту се разгоруваше на врвот на долгиот килибарски чибук, па никој не може да насети што се случува со него и во него.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Колку убавини, толку таги има Што не сум ги начнал и не сум ги сетил, Толку предели што не сум ги посетил, Што не сум ги насетил и преселил Во окото, во душата, оскорушата На есен, тополата разголена, разболена Од лисјето пред паѓање, пламенот на згаснување Толку убавини, а празнина во душата.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Некаде во темнините, ја насети атлетската силуета со биковска глава.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Но отец Иларион знаеше дека Бонети не мирува, па често кога ќе го насетеше дека се вртка крај нејзината одаја, ќе се накашлаше давајќи му знак дека е буден, или ќе ја отклучеше вратата од својата одаја давајќи му време на Бонети да се повлече, да не дојде до кавга, до расправија.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Наеднаш насети зад себе меко газење на стапалки.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Сепак, може да се насети замаената, влажникава магла од течни јадења што се прелева низ улицата како благ рев на припитомено куче. ***
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Да, со татко ми можеа секогаш лесно да расчистат, но се плашеа од Чанга, Татко ми, впрочем, не беше толку наивен за да не насети од каде демне опасноста, тој секогаш некако, дури инстинктивно, ја насетуваше, и кога за тоа немаше конкретни индиции.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Повеќе