натоварен (прид.)
Нивната сиромаштија беше натоварена со уште едно зло за кое не се гледа лек.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Се лутеа ли на оваа зима, натоварена со студ и глад, на нејзиното несопирливо чекорење по беспатјето по кое минуваат само дивите ѕверови - мечката што меко се отфрлува од задните на предните шепи и волците кои веќе неколку дена јурат подавајќи ги црните муцки кон младата волчица? Кој би знаел тоа.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Во два коша натоварени на еден коњ ја премина Баица Дрина на брдото кај Вишеград и не се врати веќе.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Сеќавајќи се на своето родно место, тој го подигна мостот на Дрина кај Вишеград на она место каде што во 1516 година ја прегази со коњот, натоварен со едната страна во еден кош.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
По правливиот пат, догоре натоварените коли, крцкаа.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Коњите беа натоварени со бел како снег кочански ориз.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
На неговото Волшебно самарче беа сега натоварени два тешки митралези и сандаци со муниција.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Пред него, натоварено со суви букови цепени дрва, одеше коњчето Дорчо.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Трајче, со натовареното коњче и колоната партизани тргна кон Караорман.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Се менува само небото. Некогаш е сино, со птици во височината, некогаш е темно, натоварено со облаци.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ме изненади една дама во еден модерен супермаркет која во количката, натоварена со разни прехрамбени продукти, возеше едно кученце, кое ги душкаше продуктите.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Овој град е расположен на височинките на обата брега на реката, низ кој постојано се влечат шлепови натоварени со стока.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Тоа што си го знае напамет: - Стомниња, бардиња, грниња, уш, ќукш, ги тера магарињата, натоварени со посатки и само вика: стомниња, бардиња, грниња, купете за умрените, за погинатите, вели, за курово здравје гинеа, за ветер во магла, вели, ама мора нешто да ѝ имаме згрешено на мечката од Москва, стомниња, бардиња, грниња, мора да сме ѝ згрешиле, нѐ има секакви ’рчпали, вели, стомниња, бардиња, грниња, не ни е за џабе налутена мечката, вели, не нѐ гледа за ништо напоречки, вели, стомниња, бардиња, грниња, ни пушти шенци, чкрапји и тавтабици и сега чешај се, ако можеш да се досегнеш, стомнина, бардиња, грниња, вели, нѐ остави да нѐ делат ко варена тиква, ко чајчаре, една велка овему, една велка онему.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Низ цевката можело ѕевгар волови да помине. Сосе кола натоварена сено.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
- Па јас, возач на десеттонец натоварен со топовски гранати, со илјадници фишеци, со нагазни, рачни противтенковски и што знам какви не други мини и гранати, да возам, да талкам од логор до логор, од болница до болница и да слушам како се лигави некоја заднинска гнида...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Од срецелото натаму на југ патот одново го поприма својот поранешен изглед, повторно станува широк колку да можат да се разминат две воловски коли натоварени со снопје или со сено, или булук овци, кревајќи по себе пепелници.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Им умрело, го клоцнал некој коњ, едно малечко; никој не слушна да го редат но сите видоа кога умреното, затворено во ковчег и натоварено во кочија, го изнесоа од Имотот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Горе на ѕидовите и на само половина метро подолу од таванот и точно над подѕидоците прикрепени се дрвени полици, кои се натоварени со дуњи, јаболки и петтопрсни тиквиња, а долу под полиците врзани во снопчиња и обесени на ѕидовите, висат мисирски кочани, исушени полски цвеќиња, треви и чаеви.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Се лутеа ли на оваа зима, натоварена со студ и глад, на нејзиното несопирливо чекорење по беспатјето по кое минуваат само дивите ѕверови - мечката, која меко се отфрлува од задните на предните шепи, и волците, кои веќе неколку дена јурат подавајќи ги црните муцки кон младата волчица? Кој би го знаел тоа.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)