незабележлив прид.

незабележлив (прид.)

Во куќата сум незабележлив. Се сопнуваат на мене, ме кошкаат и никогаш ништо не ми говорат.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Без заштита на својот патрон, Пенчо беше незабележлив во улицата. Одеше скиселен и скиснат, ги заобиколуваше луѓето и не смееше да ѝ погледне на Ана в очи.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Спротивно од големината на главата, на нејзе сѐ е мало: косата го прерипува челото и почнува скоро од танките веѓи, очите се опасно ситени и пропаднати, носот е незабележлив, низ танките усни со мака би се провлекол поголем залак.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Тогаш требаше да се повлечам, незабележливо и на прсти да се искрадам од оваа куќа и да се вратам во својот град, во стварноста на својот век.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Андон плашливо затрепка со белите клепки, ретки и незабележливи што скоро како и да ги немаше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Му помогнаа, незабележливо го симнаа од подиумот. И со пајтон го одведоа дома.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Нека ве истовари на некое незабележливо место, далеку од местото на атентатот.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Незабележливо квечерината навлегуваше во собата, ги множеше и ги претвораше сенките во непроѕирна маса.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И како незабележливо протече времето од Солун до Цариград.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Незабележливо Арсо се придвижува, а по него долгите калливи прсти ја грабаат ископаната земја.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Времето му минуваше незабележливо во таа отпуштена зачеканост, во која одблесокот од вратничката на печката ја исполнуваше собичката со илјадници трепети на црвените сенки и полусенки од чија игра стануваше пријатно топло. И Белата Долина почнуваше да се буди.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но, имаше време, а имаше и место за да го стори тоа толку споро, и неговото движење да не се разликува ни малку по својата незабележливост од она споро движење на сенката околу дрвото во сончев ден. Така ги очекуваше.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Дури и оној бавен и расплинат ритам на дишењето во неговото спружено наплешти и отпуштено тело, носеше само едно споро, речиси неосетно надигнување на градите и едно сосема незабележливо тонење.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Од булеварот „Монпарнас“ кој стрмо се спушта кон „Домот на инвалидите“, од десната страна се наоѓа една мала и незабележлива уличка, на која стои натпис „Музеј Бурдел“.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Со незабележливо движење на автомобили.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Потоа, секогаш кога ќе си спомнев точно на овие денови, сфатив, има толку многу нешта што брзо не се разбираат, не се даваат со голо око, толку прекрасни нешта скриени се таат во предметите околу нас, чекаат на нас, а ние слепо газиме на нив, ги ништиме тие мали, незаблежливи и неповторливи нешта, бездушно ги сакатиме.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
А залезот е убав и сенката што ја прави е долга за младичот од бистата незабележливо да ѝ се доближи, да седне крај неа, да се загледа во нејзините сини очи и да ја слуша како го повторува Лјеу: ...
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Пукнатините на неговите арапски усни незабележливо се мрдаа додека го разгледуваше тестовото луле од печена земја и со камиш од вишново дрво. Од косата му ѕиркаа сламки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На неколку чекори од неистинатиот Јане Крстин друг, Пеце Дановски, удрил со крваво чело во камен и останал неподвижен; бил до тој миг незабележлив, малостав, помирен со сѐ што се случувало и што ќе се случува низ векови; сега сите што биле близу до него виделе дека само со тапите прсти минува по земјата - умира и сепак бара потпир да се исправи, да го побара убиецот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Не заслужувам, рекол со незабележлива возбуда во гласот. - Ги носам на душа сирачињата на Јаков Иконописец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе