облачен (прид.)
Непознат снуждено седи дури го пречека зора, непознат слики нуди на сите в „Source" и „Flоra"! На булеварот Saint-Germain облачен, матен, зимен ден.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
Ме фатија многу подоцна, во оние облачни дни што мирисаат на презреани праски, на плод од еден редок јапонски нектарин.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
На таа страна планините мртво лежат под облачното виме; удавени се во сиво млеко.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Одамна се раздени ... - поткашлува. - Облачно е, душо. Врне.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Може да биде облачно претпладне во јули: Вкус на пепел може да се чувствува во воздухот; може да се насети и мирисот на дрвото што се топи на огништето; да се почувствуваат натопени цвеќињата; да се прошета усаменички низ опустошени шеталишта...
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
„Облачно претпладне во јули. Вкус на пепелта лета низ воздухот; - мирис на дрво што се поти на огништето, - натопени цвеќиња, - опустошени шеталишта, - зошто веќе да не дојдат играчките и темјанот? “, ќе наслика Рембо во неговите „Изреки“ и ќе продолжи: „сум оптегнал јажиња од камбанарија до камбанарија; венци од прозорец до прозорец; Златни синџири од ѕвезда до ѕвезда, и играм“.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Брзо го зедовме патот до Братислава. Времето беше без снег, но облачно и студено.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Што знам! Може така ми се чинело. Кога времето е облачно и луѓето се облачни.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Погледнувам нагоре... Се чини облачно. – Ќе врне – си велам, и побрзувам назад кон градот.
„Младиот мајстор на играта“
од Александар Прокопиев
(1983)
Облачни или ведри, тоа секогаш беа небесни простори, хоризонти и видокрузи што се простираат без крај, горе, високо.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Посебно ми се чини привлечна иако нејасна дури и облачна онаа претпоставка: дека иследникот, во настојувањата да го скрши моето спротивставување и самиот не одбива да дружи со моите размисли упорно следејќи ги.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Светот настанал од влажен збор. (настанокот на светот според Догоните) во мигот на зачнувањето влажен е и воздухот и вагиналните ѕидови, температурата триесет и седум степени, умерено до значително облачно со услови за краткотраен дожд. никогаш не си земал часови пливање, но грбно ти оди добро. со секое проѕевање во матката по малку и голташ - протеини, јаглени хидрати, електролити и уреа. спокојно се нишкаш на тој воден кревет. како човечка рипка дремеш во мракот. потоа шок - со плач протестираш кога меурот ќе прсне и мокриот остров ќе се претвори во непрегледно копно.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Тој облачен прстен го очекува него.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
11 Осамна обично, облачно утро. Томето беше дома, штотуку се имаше вратено од продавница, ги аранжираше цвеќињата на прозорците.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)