околен прид.

околен (прид.)

Пред се тоа Силјан си патувал со голема надеж да најде некоја трага и до кај пладне го изодил угорното, та се качил на планината и кога се опулил натамо, видел едно поленце опколено со планинки и ридови, прилично како Прилепското.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Од ден на ден оваа мисла Стале ја ширеше по сите околни села и почна редовно да се вртка околу дабот и кладенецот Илинец, каде што сопственицата — сега вдовица, — Трна, секој Илинден колеше по едно имањце како на вакавиште да ѝ го пази свети Илија последното детенце Петка, бидејќи пред некоја и друга година беше умрел мажот и Стале и три постари деца, та Пецето ѝ беше единствената надеж на изгорената мајка.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Иако не беше ни малку наивна, ни лекомислена таа се нагрби со едно скоро невозможна работа за тогашното време и прилики, се нагрби да отвори занаетчиско училиште за младите девојки од гратчето и околните села.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Околните планини крваво отсјајуваа. И Кајмакчалан се ежеше крвав во далечината.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Со бавни чекори тој дојде до ниското камено ѕитче на кејот, крај споменикот, и погледна долу во реката по која играа светлини од сијалиците на мостовите и околните куќи.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Најпосле со бавни, пресметани движења со по една рака, тој го сопаша својот долг појас, а потоа почна со него да се испреплеткува себеси за сите околни гранки, оставајќи се речиси спружен врз чаталите на старата бука, изврзувајќи ја својата половина, своите нозе и своите надлактици исто онака, како што може да биде врзано сѐ друго, само не своето тело.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Целата земја, целата бела кристална палата на Долината, сите пречисти голини на далечните сртови, исто онака, како и најситните прачки во околните дрвја, празнуваа: беше роден Денот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Стоеја и зборуваа нешто, повисоки од сите околни дрвја и од сите далечни планини, луѓе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Настапи летниот распуст... Учениците од околните села си отидоа по своите куќи...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Многу селани од околните села идеа кај шаторите и носеа кокошки и јајца.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Наидоа и неколкумина селани веројатно од околните села, но ниеден не застана на чешмата.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Така им се обрнуваше на сите старци што живееја по околните колиби.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Бојан често се распрашуваше кај деда си за имињата на околните места кои укажуваа на едно далечно минато, на поинакви времиња, а момчето сакаше да се нурне во тоа минато, да ја разоткрие и запознае и од таа страна својата сакана долина, но и дедо му даваше нејасни, колебливи одговори, што значеше дека многу работи и тој не ги знае.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Се сретнуваше некогаш кај него дома, некогаш по околните места кај што тој собираше тревје и билки, и ништо од тоа што се зборуваше не се дозна; зашто, кога една вечер Цанул ја затекна Цанулица кај што излегува од куќата на Полин, ѝ свика налутено: „Што бараше, кучке, кај него?“
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
„Јазикот да си го каснеш!” ѝ велеше тој, и секое утро, уште пред да се разбуди таа, Полин излегуваше од дома и шеташе по сите околни места и собираше разни лековити тревки и билки: матарка, лопушка, кофил, калуѓерче, русе, златарка, прешлика, штрково цвеќе, напрсточе, млечарка, кострика, лишарка, кадифче, коњски босилок, чочорка, цволика, кикара, вратика, жалфија, калофер, добричица, царево око, иванчица, вртолумче, лобода, пчелинок, кукавичица, курвиче и др.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Од сите знаменити води, Молитвена Вода, откако се паметува, играла најзначајна улога во животот на населбата во Потковицата и на сите околни села.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Неа, Трајана Дамческа, мајка му на Ѓорета, зашто беше висока како далјан, и зашто навистина беше комитка, уште од пред востанието во Крушово 1903-та, никогаш уште оттогаш не го симна чифтето од рамена, сама управуваше со момците, со аргатите и со сиот имот на Дамчевци Џаџовци, жителите на Потковицата, и на сите околни села така ја викаа, Комитка.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Така и беше: како што растеше, така сѐ повеќе дома не се прибираше: скиташе по околните места, брда и планини.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Имено, таму кај што се вливаше Алинска Река во Бучинско Блато, нешто подолу од утоката, кај врбите на Свето Враче, во најдлабокото, веруваа дека се сокрива некаков ѕвер, за кој кажуваа дека има мали куси и дебели нозе, кој е мрк, то ест по целото тело обраснат со сива мов, жителите на Потковицата и жителите на сите околни села го викаа Кобникот или само Бучалото.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе