олтар (м.)

Во црквата беше тивко. Мијале клечеше пред олтарот и со стиснати дланки на ушите го лепеше челото на камениот под.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Попот влезе во олтарот, тури темјан во кадилницата, го наметна петраилот и го почна утрењето со: „Благословен бог наш, всегда, нинје и присно и во вјеки вјеков“, а Куле веќе застана на певницата поткачен на едно столче, и откако одговори „амин“ почна да ги чете утрените псалми.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Петре шетка од олтар — во олтар, ги опрема серафимите, крстот за „входот“ и друго што треба.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
— Ене го во камарата, во малиот олтар, — одговара Петре и си продолжија сите тројца со работата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Крај портата две христови девици и два молитвеника. Две деца продаваат свеќи. Од олтарот: воскресение.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Овој излезе напред со сето достоинство на антички жарец, пред олтарот на боговите и ја прифати веќе запалената борина од еден гаваз.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Сигурно му упатуваше благодарствени молитви на големиот пророк што го удостои и овој ред да биде негов слуга и да му принесе две ѓаурски жртви на неговиот олтар.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Ослушувајќи ја со некој внатрешен слух болката во здробената рака, се исповедуваше како пред сопствен олтар: кога имав седум години пронајдов дека чевларот од нашата улица не е некој друг туку самиот сотона.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Еднаш ќе умрам под олтар, мислеше тогаш ловејќи негрижа кикот во секој свој нерв.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Наместо да ме населиш во тебе, да бидам твоја крв, Ти од мене направи олтар Пред него секој да се моли - Така ме раздаде. Така ме уништи.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
4. ГОЛЕМ ЗАЛАК ГОЛТНИ, ГОЛЕМА РЕЧ НЕ РЕЧИ - притоа и сит довека и спокоен до гроба ќе си, со таа слобода и пред олтарот на ропството клечи и моли за своето право да бидеш тој што не си...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Однадвор остава впечаток со грандиозноста, а внатре е без икони, без украси, само се некои релјефи и со извишени слики на проповедниците во олтарот.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Ходниците на црквата, долги и огромни, беа претворени во шеталишта а на сите страни имаше олтари.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Влегов и во црквата, која беше празна и, на мое изненадување, во неа не видов ниту икони, ниту пак од оние олтари, што сме свикнале да ги гледаме во црквите.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Попот ги допеа молитвите, се сврте кон олтарот, се прекрсти и влезе.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На местото каде што се наоѓаше олтарот поставија голема сцена со црвени завеси.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Сѐ почна на свадбата моја, вели, мажот ми го зедоа од венчавка, од пред олтар, вели, после ги зедоа и браќата негови и таткото нивни.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тие деца ќе имаат олкави заби, со бради ќе можат да стојат в олтар. Ѓавол да ве земе.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
А насамо пцуеше во олтарот: - Крадат, сите крадат.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Целото душеме послано со четворни мазни плочи, тука, пред олтарот се креваше за две скали и малку потаму почнуваше иконостасот.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Повеќе