пасиште (ср.)
Воловарчињата најмногу ја имале таа можност зашто секаде наоколу се просторни ридишта со богати пасишта врз кој овој летен ден сонцето припечуваше, а ветерот го повиваше чипецот и им ги палеше обравчињата на децата.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Имено, повеќето од нив беа Мариовци од селото П’чишта кои оваа година ја откупија планината од Селим-бег од Солун за триста и седумдесет гроша – дваесет квадратни километра борова, букова и дабова гора со не помалку рудини и пасишта, за да не им клава бегот сточари Власи и Мијаци, а нивната стока да умира за вода, паша и од жештина долу крај селото.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Сега тоа беше пасиште и ливада, обраснати со сочна трева.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Подоцна тука блиску се заселило селото Дуње и почнало да ја пушта својата стока во ова пасиште, кое Полчивци го чувале за зимовиште, бидејќи летна паша имале во големата планина.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Но во 17. век Власите сточари, за да отворат пасишта, ја запалиле, а Турците сопственици на чифлизи, за да се одбранат од ајдутите што се криеле во гората, ги насрчиле жителите на околните села да ја исечат за огрев и градење.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ѓурчин имал некој пријател поп, (можеби тоа бил поп Пулиз од кого Ѓурчин откупувал к`шли (пасишта) и кого што го споменува во својата автобиографија, кој живеел во Солунското Поле и имал убава ќерка.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Повремено преку визијата минуваше магла, ја носеше со себе и ослободуваше простор за нова визија: наеднаш Рубина Фаин е широколика и ковчеста идна родилка во ленена кошула; околу неа , под араратските или карпатски или алпски масиви, лежат разбранети златни полиња или пасишта со онаа трева што кај нас, не знам зошто, селаните ја викаат слак; чекори, чекори, ќе стаса ли на историската цел негде кај што, според неа, крвта се измива со крв?
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
По недовршената врвица по која лете се движеле помеѓу капини и камења нечии овци кон пасишта или поило, се враќал со младо стебло на рамо и со секира в рака стопанот на скршената кола, здрав и мускулест човек, селскиот качар Никифор Ганевски, инаку домазет во Кукулино, со муцка која, колку и да се гледа, не останува во сеќавање ни половина ден.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Скокна на нозе. Неговите широки зелени крилја заѕунија. „Само до крајот на пасиштето!“
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Се наоѓаше во Златната земја и ја следеше патеката низ старото изгризено до корен пасиште.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Тоа беше едно старо, изедено од зајаци пасиште, со изгазена патека што кривулеше преку него и со по некое ритче овде-онде.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Од пасиштата што ги земав, некои ги користев јас, а други давав под аренда, со печалба.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Откупував пасишта таму од беговските чифлици и плаќав дури до двесте турски лири, ако пасиштето беше големо.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Заштитени се иглолисни и дабови шуми, планински пасишта со сочна трева и ретки цвеќиња.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
Мајка ми постојано велеше: „Не се родило такво шилеже што ќе тргне кон пасиштето ослободено од сите грижи.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Ако порано имаше даноци за пасишта, тревнина, десеток од свињи, десеток од пчели, па дури го имаше и оној што го закачи и него кога го одведе добичето на пасење желади, сега еве, би рекол да беше жив Бајко, сега еве, го има арачот, данокот за земја на немуслиманите, кој пак ги надминува сите поранешни.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Косењето на пасиштата природно го изведуваа овците, кравите, коњите....
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Дуваше галејќи ги зелените пасишта со нивните многу ретки кладенци- поила, кој како сини очи тук- таму лежеа во тревниците.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Имаа доста стока, ја пасеа по богатите пасишта околу Рајчани. Дури и момоци, пазареа да им помагаат.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Ја фотографирав нивната трошна, напуштена куќа, нивите преку каналот, дрвото во дворот, пасиштата, сокачињата во селото, бакалницата... потоа ги редев фотографиите (тогаш немаше дигитални апарати) како сложувалка за да го составам Сакулево, родното село на Борис Кривошеев.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)