петлица (ж.)
Гимназистите си дојдоа од Прилеп во градски алишта: палта запетлани до гуша со жолти петлици, пантолони со широки ногавици и нови углеисани фесови со нови пискулчиња.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Олкави вака солзи, ко петлици. И тие плачи и ние плачи.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
не му текнува ништо, него стрелајте го, вели тој, големиот, со едно кило петлици на алиштата, него стрелајте го, а селово запалете го, и војниците го грабнаа, го залепија на ѕитчето од црквата и се даде команда ״оган“ и старшијата се свлечка покрај ѕидот, се истиша како и гајдата што заборави да ја испушти од раце и може да е уште таму, оти ние после се разбегавме, тие фрлаат пушки, а ние бегаме, кој нагоре, кон напреку, и после, ене што направија од селото, може да е ова судниот ден, судниот час, вели Николе Валавичарот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
тој распалил едно ситно: лиду, лиду, лиду, лиду, и ние играме, ама лабаво, ко кал за црепни да газиме, не ти носи душата да играш делнички и со пијани војници од таму си некаде, од мајчина им, не си за никаде, мочано време, и се нишаме небаре треската да не фатила, се правиме тресиопашки, скокаме наситно, а старшијата само ја ситни свирката и тогаш пукна пушка и старшијата ја олабави гајдата таа писна и занеме и во гробиштата влегоа други војници, кај ќе бараме и за овие кокошки, си велиме, и излезе еден поголем од старшијата, со едно кило петлици нареден, и вели: отечеството крвари, а вие играте, и колкумина имате српски војници, прашува, ами колку што забраа Србите, велиме, колку што им требале и броиме на прсти: Насте, Петко, Митре, избројавме дванаесет.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ѕвонарот ги отфрли очите, ќе му паднеа како отпуштени петлици, си го протри челото, целата снага сигурно му гореше, мајко моја, тој не веруваше.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Контрабандата се разви на мртво, се тргуваше со сѐ што ќе се најдеше од петлица до игла.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Но зашто беше невешт со иглата и со конецот, или се правеше невешт, Василица, за да го мазне што побрзо од дома, сама му ја соши петлицата.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
На соседната маса до мене седат тројца:а) возен кондуктер без две петлици на блузата, б) Човек под француско капче млад и мускулест, без определено занимање, во ломбак со црни раце од моторно масло, од нафта, од нешто што е белег на занаетот.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Јас сум веќе одамна кај господа, вели, ние сме први другари со него... Илица и петлица, вели.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тој само мрдна со главата, како кога сакаме да кажеме па, може и да е така, ја крена десната рака и се обиде да го запетла отпетланиот ракав, но се сети дека му ја нема петлицата и пак ја спушти раката долу.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Левиот ракав не му беше запетлан, ја немаше петлицата, та висеше отворен надолу.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Беше полна со сенешто – крпи, картонска кутија со игли, конци, петлици и копци, прибор за бричење, парче ластик, но и нешто писма, некакви документи, фотографии.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
И гледаш ли како се затвора? Ова се илици, а ова се петлици. Таква е новата мода. Петлици.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Во безистенот веќе има продажба на петлици, па и јас сум со намера да почнам трговија со нив.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Петлиците, всушност, му изгледаа смешни со својот тркалезен облик. Зошто баш - тркалезен?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Темно зелените кошули ги закопчаа до последната петлица, така налагаа гардиските правила.
„Браќата на Александар“
од Константин Петровски
(2013)
– Требаше ова да го направиме во март или април, ќе пукниме од жешко, воздивна Александар додека ја закопчуваше последната петлица. ***
„Браќата на Александар“
од Константин Петровски
(2013)