пижама ж.

пижама (ж.)

Еден од нив, аптекар во куси пиџами со многу разнобојни риги, се сети чувствувајќи дека гласот морничаво му пробива низ сета негова кожа: „Како в штала“ , па по него се сеќаваа и двајцата скарани: „Коњ! `Рзнува во број 8. Кај оној со избричено теме.“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
- Ракавите на пижамата се дигаат нагоре. Мон диеу, мон диеу!
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Пред него стои мршав човек во пижама.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Арсо задишено стои пред него и му го допира пругастиот ракав од пижамата, и чувствува како му се движат усните, бргу и грчевито, и не е во состојба да разбере дали ги слуша сопствените зборови или сето тоа станува само во неговите мисли.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Чисти, измиени, облечени во пижами легнувавме во креветите со пеглани чаршави, што мирисаа прекрасно и се потонуваше во нив како во млака пријатна вода.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
...исток и запад сепак остануваат само поаѓање и заод а преминот потполно емотивен засолнет од броење од подоцна од порано топлината на кожата (пресвлечена во пижама спортска маица свечен костум) е тука под ткаенината каде не сум ниту добар ниту зол ниту малограѓанин ниту бунтовник единствено љубопитно тело...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Навистина, еден негов комшија се колнеше дека таа вечер го видел како во црвена пижама со бели цветчиња се шета низ градскиот парк, но јас самиот им потврдив на одговорните дека другарот Ѓорѓи до раните утрински часови беше кај мене, а потоа замина право во својот стан, се разбира облечен сосема нормално.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Понеделник наутро, тој е сѐ уште во долна облека, седнат на креветот каде стуткани се испомешале ќебето, перницата, пижамата, со сувогорчливи усни, по глупо истрошениот викенд.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Како не би се сеќавал? Но, да продолжам: пред некоја вечер, во пижами, возбуден до солзи, дедо се втурна во спалната.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Тој летен, лесен сон, кога ми го кажа Словото, Таткото, со полуоткопчана горна пижама, низ која ѕиркаа побелените влакна на градите, ја довика сенката на волкот, па на зајакот, па на еленот, и прошепоти, додека со прстите продолжи да ги придвижува тешките гранки на столетната шума: „Саноќ ѕвера ѕвер, но одлик остава слик, незнаено само чија, лика има змизми змија“.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Фјодор станува, ги соблекува своите пижами, својот долен веш и ја опашува сукњата.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Стоев сам во пиџами на вратата, го чувствував топлиот ноќен ветер, и тогаш сфатив дека Тате седи на механичката лулка на терасата и полека се ниша.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Фразата е сентиментализирана, повторувана, отпечатена врз детски пиџами.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Винстон се извлече од креветот гол, зашто секој член на Надворешната партија добиваше само три илјади купони за облека годишно, а еден чифт пижами чинеше шестотини, дофати една изветвена маица и еден чифт гаќи што лежеа префрлени на столот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Ми беше јасно дека Луција не ме избрала мене за оној кој прв ќе има можност да го види раѓањето токму на тоа движење; јас знаев дека тоа движење на Луција не е и мое, и сакав ние да имаме само наше движење, и не сакав да учествувам во тоа, како што е природно љубовникот на една жена да не сака да ги носи пиџамите на нејзиниот претходен љубовник; ме излудуваше мислата дека таа дури сега ме допушта во себе, откако стекнала извесна предност во искуството со мене, откако го научила тоа движење и сега ете, ми го покажува, како што се покажува нов автомобил на некој кој нема никаков.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Застана со колата под еден орев на средселото, ја потфати прирачната торба во којашто имаше пижами, две рала долна облека, еден џемпер за секој случај, две летни кошули, несесерот со нужните дрангулии, зелениот блок хартија и, се разбира, како што му беше препорачано, митото за Петра што неговата патна торба ја правеше значително потешка.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
На Пелагија ѝ се чинеше дека е рано да ја дели од себе, ама оти во иста одаја, се согласи заедно со мајка Перса да ја облечат во пиџамките, да ја целуват во зацрвенетите обравчиња и да ѝ пожелат лесен сон!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Вие домците спиете во пижами? - Без исклучок. Лете во пуплин, зиме во зенана.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Не беше многу доцна, но родителите ги имаа облечено братот и сестрата во пижами и сите седеа во собата на долниот кат, затоа што само таа беше затоплена.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Како што ги растегнуваа сите човечиња на пижамите, едно по едно, се кикотеа сѐ посилно и посилно.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Повеќе