пласка (несв.)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Сонцето како течно злато се разлеваше по водата, блескаше, ги опсенуваше очите; Висар тешко се приспособуваше кон таа силна светлина; од шумот на веслата дивите патки пркнуваа пред нив и се преселуваа понастрана барајќи мир и спокојство; Висар му го вртеше грбот на сонцето и ѕиркаше во водата која ги менуваше боите спрема длабочината на езерото и гледаше во јадиците и канџите што ги спушташе Трајан; кога ќе се занишаше конецот, Трајан го креваше нагоре, го собираше и му даваше знак на Висар дека е фатена риба; Висар трепереше од радост и ѕиркаше во водата да ја види рибата; кога рибата, влечена нагоре, ќе дојдеше во погорните води, ќе почнеше да разлетува и да шета дè ваму дè таму, правејќи секавични движења и обидувајќи се да го скине конецот; но колку што конецот се собираше и ја доближуваше до чунот, таа сè понемоќна стануваше, ги скротуваше своите напнувања, чувствувајќи болка од јадиците и канџите во устата; тогаш Трајан отсечно ја тргнуваше нагоре, а Висар го потклаваше оршето под неа и ја внесуваа во чамецот; потоа го проверуваа другиот конец и почнуваа да го тргаат и собираат; рибите скокаа во чамецот, пласкаа со опашките, подзинуваа по воздух, а потоа се отпуштаа и се смируваа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Слепата Донка викаше од чардакот на нејзината куќа по луѓето да не ја остават сама, да ја земат и неа ако бегаат некаде, но никој не ја слушаше од плускањето на дождот; како што водата растеше и ја зафаќаше куќата, така и Донка бегаше од долниот кат на горниот и пушташе камен врзан на конец, пласкаше по водата за да чуе до каде е нарасната.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Не пласкајте со устите, се врти татко кон децата, не јадете од копанка.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)