плашт м.

плашт (м.)

Така надојдоа оние ноќи потоа. Во бараките тие ноќи никој не заспа. Месечината беше сосема сина, полегната во синикав, залебеден плашт над полето.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Го гледаа како се слеа со полето, како потона во таа ноќ, како се спушти и над него тој нејзин плашт од сината месечина; гледаа кон таму се додека беше возможно да се забележи барем некое најмало движење на она место, каде што се искри од нивните погледи во темното зеленило, а после сите молчејќи се враќаа во своите легла, изморена и претепани.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ноќта ѕвездена, денот темен, Темното денот го слави, Со пожари и поплави; Со таги, врз плаштот земен На кој се накотиле и сплотиле Болки и рани, неразбрани Поети, мислители, исцелители Врз, тајните на животот задумани, Склупчени среде денот темен, Заборавени, во тага оставени Под небото ѕвездено-извезено Од знајби, мисли и умности За да редат убости молитвени Со кротка благост изустени.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Тогашните стратези на комунизмот, под плаштот на сталинизмот, го мислеа истото, но јавно не го изразуваа: „Козите можат да ја поттикнат контрареволуцијата на победената класа”!
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Татко ми се плашеше од противречностите на Отоманското царство, коишто толку добро ги познаваше и разбираше, да не продолжат и во новото време – времето на социјализмот, на комунизмот, под плаштот на тоталитаризмот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Се должеше ли уште на нешто неговата потреба, по првиот занес со мене, кој беше несомнен, да се покрие со својот цврст емоционален плашт непробоен за моите вибрации?
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Не, не ти се лутам јас тебе: со безбоен плашт очите ти ги покрив, да не ме гледаш, па те испратив од мене за навек, одвојувајќи те со сенка, посенка од разделбата...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Други дела: Шапка од рибина кожа (љубовна приказна, 1996), Стаклен полжав (приказни од интернет, 1998), Кутија за пишување (1999) и романите Ѕвезден плашт (астролошки водач за неупатени, 2000) и Уникат (2004).
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Она што јас би го предложил е да постапиме како извесната Окереке Онике, претседателка на организацијата „Африканците за Обама“, па да собереме, иако населението кај нас не живее којзнае колку подобро од она во Нигерија, пари и да ги донираме во проектот на американските и англиските научници - произведување на невидлив плашт.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Бордо и црн плашт пред очи. Под нив човек скриен, во него врие.
„Илузија за сон“ од Оливера Доцевска (2013)
Плаштот на ноќта ја криеше магијата на одговорите. Онаа за покосените љубови беше лажна слика што други ја создаваа за него.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Бараме супер херој. Ноќе со плашт темен, наутро без маска, воздухот да го прочисти од реа, од болест и од смрад, од оваа земја. Од секој град...па и село...заразено...
„Портокалова“ од Оливера Доцевска (2013)
Знам, и тоа проклето знам за колку време ќе ме поклопи плаштот на темнината ако не видам подадена рака.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)