појава (св.)
Не е тоа мочкање крв. Тоа е природна појава кај жените што се нарекува менструација и се јавува кај девојчињата во перииодот на пубертетот, па трае сѐ до доцните години на жената.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Појавата на новите дроги кои немаат решен легален статус создаде вистински хаос во општествениот третман на проблемот со дрогите.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Но основната и најважна причина за нивната појава беше тоа што, уште на почетокот на дваесеттиот век, еднаквоста меѓу луѓето стана технички возможна.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Да беше дошла зиме, кога и убоста е некако притеснета и скрита во себе, можеби немаше така да го порази Соколета уште од првиот поглед, ќе свикнеше тој постепено со нејзината појава како со нешто обично.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
XXIX Историските личности се создаваат во долг временски процес, во пресрет и вкрстување на бројни околности и противречности, така што нивната блескотна појава во клучни моменти во историјата останува целосна енигма.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Борко се обидува да ми ги разложи размислувањата во врска со една според него многу интересна појава.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Кога дрвото покрај кое случајно минувате со задоволство ја претрпува болката од впишувањето на две имиња врз неговата кора со нож; кога истовремената појава на дожд од небото и солзи на вашето лице не може да се нарече случајност; кога светулка се дави во вирче, прета со наводенети крилца борејќи се за живот и притоа не заборава да ве награди со светлина; кога не знаете зошто одот одеднаш ви станува куц; кога не сте пијани, а од некои темни агли на едвај осветлената улица слушате тивко завивање и цивкање на куче; кога не знаете како сте станале дел од таква ноќ... сѐ што ви преостанува е да се гризете од бол и зачуденост.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Но оваа појава немала потрајна основа.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)