препознатлив прид.

препознатлив (прид.)

Преобразбата на видливото во невидливо, препознатливото во непрепознатливо, е чин сличен на жестоката преобразба на семантиката в земи: се преповторуваат вековните процеси на трансформацијата од семенката до плодот, обликот на идниот плод го прима обликот на претходниот, но, не се преповторува времето.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Во сандачето – писмо. Го кине пликото – лист фина, сина хартија со облаче во десниот агол, исполнет со препознатливиот, орнаментиран Јанин ракопис.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Набрзо можеше да се види како мозокот тивко, беспомошно болува зад очите, а тогаш мозокот најверојатно и изумре, бидејќи очите речиси му испаднаа од главата и во нив го немаше повеќе оној препознатлив израз, туку израз како кај очите на краба на едниот крај од нејзиниот сплескан труп“. 22 Margina #11-12 [1994] | okno.mk
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Врз една темна табла близу до работ на платформата можеше да се забележи, во препознатлив Бојсов ракопис, една сентенца која ја сумира пораката која тој се обидуваше неуморно да ја изрази во неговата подоцнежна работа: „Единствено уметноста е способна да ги оневозможи репресивните ефекти на еден сенилен социјален систем кој продолжува да се тетерави по линијата на смртта”.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Социјабилноста во Хундертвасеровите проекти е препознатлива не само во инсистирањето за повторно воспоставување на „троединство“, акционистички тип на станоизградба, оставањето на волја на станарите да ја (пре)уредуваат својата околина, еко-димензиите во неговите проекти, туку и во тоа, со максимално зголемување и функционализација на јавните површини во зградата, да се предизвикаат социјални контакти помеѓу станарите.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Пиктографско писмо Во овој систем графемите (коишто често се нарекуваат и пиктографи или пиктограми) овозможуваат препознатливи слики на постоечки нешта.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Подоцна, во циркусот, кога созреав како маж, се убедив дека анатомските можности во технологијата на љубовта се сепак ограничени (иако можат да бидат мошне богати) и дека се сведуваат на тие, во суштина – неколку препознатливи сигнали и движења што се вообичаени, и дека без потреба сум се лутел на Луција таа ноќ на кејот.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тоа е и моментот во кој се отвора политичкиот контекст на делото, подоцна заокружен со Симонивите нејасни врски со политичката елита на Македонија како и со приказната за партиски поделеното и раскарано село, но дневнополитичкото милје, иако препознатливо, ни во еден момент не се наметнува самото како слика на современиот момент, туку пред сѐ, преку поврзувањето на минатото и сегашноста, се стреми кон воопштување.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Андриќевиот и Селимовиќевиот онтолошки хоризонт е препознатлив во тематскиот корпус на романот: единката и заедницата, човекот и историјата, индивидуата и политиката етичкото и психолошкото димензионирање на ликовите во поширок контекст во кој архетипското проблеснува под романескниот дискурс.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Архетипската димензија на романот е препознатлива и во контекстот на преиспитување на одредниците зло/добро, кое Башевски го постигнува со постојаното одбегнување на веќе освоените знаења, со поместувањето на точката на посматрање од еден на друг нараторски глас, со неможноста да се установи каде се наоѓа вистината.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Тука Хорацио, за прв пат откако седнав на клупата до него, се насмеа на својот препознатлив начин – широко, гласно, тупкајќи ме по рамото: Баш така, миличок. Црв во газот!
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Втемелувањето свој препознатлив поетски идентитет во татковината на јазикот на кој се пее, значи две нешта истовремено: исклучителна поетска дарба и решителен чекор во универзалното и вечното - сон на секој творец.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
3. Градови Она што му дава препознатлив белег на творечкиот профил на Александар Прокопиев во целокупниот негов раскажувачки опус, тоа е своевидната опседнатост и безрезервната приврзаност за урбаниот сензибилитет.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Препознатливоста и лесната идентификација на поетовиот пев е дополнително сведоштво дека Анте Поповски прецизно ја кодирал својата поетска шифра во сопствениот јазик, па сега и кога пее со одглас на веќе испеаното, но и кога пее со залог во новото и (можеби) претстојното, читателот мигновено го спознава неговиот отворен, оригинален, јасен и засекогаш втемелен поетски идентитет.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Градејќи го ткивото на расказите, настојував да бидам искрен, да создавам со елементи кои ми прилегаат, кои произлегуваат од мене и ме прават препознатлив, како и во поезијата.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
7. Минувајќи еднаш (којзнае зошто, веројатно за ништо) по старите улички, Грдан се сети како чекорот му подзапира крај една ограда што му се стори позната: висока телена мрежа, уште повисока жива ограда, наместа не само оштрбена туку и поткопана, како под неа да се провирале зајаци, зад неа голем двор, изгазен и гол, со ретки стари дрвја и сосема во дното долго трошно здание, со препознатливата нечисто жолта фасада на државна установа.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Оние, за кои веруваме дека ги познаваме, заземаат чудни места во нашето паметење; како да се сместени во некоја препознатлива рамка создадена само за нив и обесена на видно место пред нашето око на сеќавањето.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Како низ лут чад што штипе во очите, пред поткосените коленици му се прелеваа една во друга некои сцени препознатливи, а далечни: замрсено клопче од отуѓени луѓе со забавени движења што плетка нешто во безгласна кавга каде да се легне мртовецот - дали да остане на троседот или да се испружи на масичето со висната глава и подвиткани колена додека да дојде нарачаниот ковчег; помалиот син, Гоце, кого не можат да го одвојат од постариот и кој не само што му ја стиска туку и му ја тресе раката, постојано повторувајќи „бате, бате” во пуста надеж дека некако ќе го разбуди; жена му, не помирена ами умртвена од смирувачките средства, веќе забрадена во црна шамија, одеднаш остарена, преполовена и смалена, стопена како грутка снеговна на дланка, со прачки од раце во празниот скут; свеќата што гори над дамкосаното чело на Нако, што станува восочно до проѕирност; миризбата од козметиката на снаата, нешто меѓу темјан и колофониум; мувла од пештерска црква, а сè во мансарда од новоградба; испиени лица на светци од икони а само смртни грешници со подуени модрини под очите.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Не сум сигурен што точно ми помага да верувам дека не грешам кога си ти во прашање: физичката големина, препознатливото чекорење на кое многумина веројатно му припишуваат стамени војнички карактеристики, облеката, или што се чини уште поверојатно, нашето долгогодишно дружење?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Пеколот секој сам си го бира !  Ја обзема чувство на изнуденост: софистицирана уцена маскирани киднапери препознатлив глас.  Депресија: доцна попладне Наместо топла попладневна дремка во неа без остаток се влива тегоба со нагон на повраќање небаре влегува низ подотворени порти - дома, а дома цибрина  треска  изѕемнина.  Има хронична несоница.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Повеќе