проблесне св.

проблесне (св.)

Немирна мисла му проблесна во бушавата глава: тој се бркна в џеб и во раката веднаш му светна ноже.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Денот гаснеше. Во душата како да ми проблесна нешто.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Одблесоците на овој пламен проблеснуваа до самата улица.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Долгнавест муаџир со бербатна чалма несмасно навиткана, длабоко изгравиран со дебели нечисти брчки и со очи толку вдлабени во главата, та личеа на дупки во коишто одвреме-навреме проблеснуваа само белките, со лице исушено, глуждесто и аглесто, пушташе необични лаги, та оние што се тискаа околу него самодоверливо потврдуваа со главите или со поглед, верувајќи или сакајќи да веруваат во тоа што беше само убава измислица и мечта.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Го имаше тој поган поглед и додека се сврте кон масичката и за еден миг го опфати својот нож, чие што сечило проблеснуваше притаено на виделината, а не помисли ништо, ни додека почнаа да го чешкаат јаболкцата од прстите со онаа желба да го допре, да го дофати, тоа тивко живинче, што стоеше веднаш тука, а се чинеше како да е наеднаш многу оддалечено, недофатливо, беше еден ист впечаток како кога гледаш од опачината на двогледот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
На месечината понекогаш ќе светнеше стаклесто црно само по некој поглед, како поглед од истечено око, ќе проблеснеше само по некој отскриен заб, но сега сето се престори во некакво чудно сновење околу неговата пилана, едно такво забрзано одминување, при кое секој од нив, со една чудна фанатичност во таа проклета осамена недоверчивост во оние сиви, изребрени тела, како да мораше да мине на секое место, така што неколку пати се случуваше да се судрат по два, а притоа само остро ќе прикрцкаа нивните очници.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Можеби затоа – му проблесна другарот од детството кого родителите со сила го тераа да вежба пијано, пукаше по врапците на жиците.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Беше сјајно црна, со сребрени копчиња и со сребро оковани петици на црните чизми; прилегаше како некој од темна маглина да одрежал раце и нозе и тело, со бледи ѕвездички што проблеснуваат низ неа.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Неговата батериска лампа ги фати и ги проблесна со живот, виножитата отскокнаа одново пополнувајќи ги сенките, со бои на сливи, малини и грозје, со боите на пресечен лимон и небото од кое облаците се одвеани, а синилото одново се враќа.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
3. Да се навлезе во тајната на ненапишаното е проблеснување, фатеното жарче што ја пече мислата.
„Вечната бесконечната“ од Михаил Ренџов (1996)
Во умот на Водачот проблесна генијот, целата земја ќе ја претвори во бункер со трудот на целиот народ кој ќе се брани самиот од непријателите!
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
На прагот на Атеистичкиот музеј уште еднаш ми проблесна во сеќавањето татковата тајна за неговото враќање од Цариград во родната земја Албанија.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Не е свесна зошто тоа го прави, еднаш ѝ проблесна дека можеби кога ќе пристигне Костадин овде за полесно да ја пронајде.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Таму, собирајќи секакви дрвени дробеници, има малку место во неа да се смести и околината: фабриката со оџакот што се брца во денот што постепено се разбиструва, бавчите во кои како да се напикала снагата на зградата, дрвената куќарка на Дине Бочаровски (скоро сите дрвената барака ја сметаа веќе за негова), големата куќа на неколку ката зад бараката на Дине со џамови во кои оти на високо проблеснува изгрејсонцето.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
потем се наслутува сѐ почесто во глувиот ноќен јасник како слана (во споредба со неа, снегот е мек и топол, Господине) во забраната да се верува во чувствувањето срам да се признае мечтаењето по неа и скришното вљубување во зазорот и распрашувањето за смислата на животот (најдолгите чудења се загушени од банални спреги) во сѐ поприсните признаци од сонот - таму кајшто живееме однапред, повторно и можеби безгранично, таму кајшто времето не се мери со просторни величини и кајшто, конечно, не се дели иако, да признаеме навиката да живееме раздвоено нѐ збунува сега едно-по-друго се подготвуваме да заспиеме да ја избереме спалната, креветот да постелеме нови чаршафи само за една, за наша употреба купуваме ноќници за истата прилика се тревожиме од наглите отворања на вратата низ којашто проблеснува вселената сѐ до неиздржливата глад по Неа.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Одвреме-навреме ќе му пламнеа очите, во главата ќе му проблеснеа најдрски и најхрабри мисли: а да си стави, навистина, и куничка на јаката?
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
„Записки“ почнува со библиски засведочениот прапочеток, односно со моментот на создавањето на Светот, за да продолжи да се развива и да се доразвие во неозначено време и простор, со поетска мисла во која проблеснува мудроста на вековите низ една филозофско- психолошка призма.
„Записки“ од Милчо Мисоски (2013)
И така во длабоката ноќ, која беше вистински само нивна, на Климент Камилски и на Татко, чудесната рапсодија на тишината на книгите, која ја нарушуваше говорот на двајцата балкански книгољупци, тишината на книгите со оживеани значења, со искри проблесна светлина во темнината на балканската ноќ.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)