пудра ж.
пудри несв.

пудра (ж.)

- Маската падна, - рече татенцето со победоносен тон како да го чекал само овој миг, - маската падна, - повтори, камуфлажата не трае долго, како пудрата што кај нечесната жена се брише (уште спореди татенцето), - како пудрата што не може да го прикрие лицето на нечесната жена, додаде некако деликатно, искусно.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Сум ги засукала ракавите и само го мијам и го ложам со вазелини, со пудри.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Таа го зеде песочникот што дотогаш го полнеше со пердувчиња и воздух, го истури и го наполни со пудра, вештачки трепки и други ѓубренца.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Немаше ветер, ама она малку што имаше од возењето на чунот, ми носеше некој мирис од нејзината пудра или од не знам што, што си клаваше.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
По неколку минути вашиот нос е непријатно надразнет од нејзината пудра.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Пудриерите со камена пудра, шишенцата со парфеми, убавите чанти, свадбениот подарок од Френк, кој се состоеше од комплет четка за коса со сребрена заднина и еден чешел, сите тие нешта и други работи таа не им ги даде на своите ќерки, на кои Даниел би можел да ги види, туку на некои небитни познајници, каде што беше многу мала можноста неговите очи, кои секогаш ги гледаа тие нешта, да ги забележат.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
А еве зошто се смеев: прво, затоа што воопшто се шминка; второ, затоа што си стави неколку килограми пудра на лицето; и трето, затоа што веруваше во онаа глупост за седум години несреќа.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Знаеше како се чуваат доенчиња, иако самиот никогаш немал деца, се впушташе во неверојатно интересни разговори околу исхраната за определена болест, ги предлагаше тие и тие видови пудра, на ливчиња испишуваше рецепти за приготвување лековити масти, ги регулираше квантитетот и квалитетот на напивките за бебиња, дури знаеше и како да ги држи: расплаканото дете веднаш се смируваше кога ќе го кренеше в раце.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Бојана имаше долга природна црвена коса, лице речиси мртовечки бело од пудра и во него всадени зелени очи кои светкаа како контраст на вештачкото мртвило на нејзината кожа.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
А во последно време и со пудра и кармин доаѓа, па и кошулата проѕирна, па градникот ѝ сѐ ѕирка одоздола“.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
И секогаш се плашам дека, оваа што има документ со печат за врската, ќе си го заборави клучот и ќе се врати за да го земе, ама ете госпоѓата е многу добро организирана и кога го напушта својот топол дом со список за неопходните работи, како клуч од автомобил, пудра течна и влажни марамчиња, не сака никакви изненадувања и тоа ти е!
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)