ревење (ср.)
Сеќавав некаква одвратност спрема ревењето и неподвижноста во која се наоѓаше.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Ревење ја заглушува неговата радост.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Со возбуденото ревење на некој што прв се разбудил во ноќта , со шушкавата химна на пламенот, се мешаат птичји крици и засипнато кучешко лаење.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Ненадејно засилен удар на ветар ме подгрбави и ми ги затвори очите, ме збуни со своето ревење и со криците на дивите гуски во себе.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
И очај - острица на незапомнета треска. И суровост, ревење, крици.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
И таа толпа, како и мртовците, повеќе зачудена отколку исплашена, густа, исклештена, со ревење свртена кон истрелите, јурнала без сопнување и во скокови со таква ненадејност што третиот истрел ни го слушнале ни можеле да го видат - сега од нечија кола летнало само парче иверка.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Со голи раце се фрлив на бегот и, кога му ја свртев пушката со оган и врело железо да го ранува ѕидот, ги видов како се фрлаат на Турците Онисифор Проказник, Орлен Шумков, Никифор Ганевски, Арсо Арнаутче, можеби и другите што беа во собата, можеби и жената и Ганка, и ги видов како доаѓаат како ѓаволи на правдата Онисифор Мечкојад, Куно Бунгур, Наџак-Јанко, Богдан Преслапец, можеби и другите: ревеа, бодеа со ножови и сечеа со секири, но бегот во вртењето ми ги искрши забите со кундак и ме собори, да се грчам ошумоглавено и недоубиен меѓу нозе и под нозе и да слушам машки писоци и ревење и пцости.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
А потоа сите гласови одново згрмеа – плач и кикот, крикови и ревења, клокотење и фијукање, молби и тажачки, благодарности и проколнувања.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Од другите соби до нас допираа врисоци, ревења, плачења и смеа, ѕвечења, чкрипења и удари.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)