релјеф (м.)
Однадвор остава впечаток со грандиозноста, а внатре е без икони, без украси, само се некои релјефи и со извишени слики на проповедниците во олтарот.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Да се биде во Келн, а да не се види оваа знаменитост навистина претставува пропуст се разбира, катедралата секој ја посматра од свој аспект, но секој во неа ќе пронајде нешто што фрапира - нејзината големина, височината на кубињата, релјефите, оргулите и нејзината акустичност.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Во оваа синагога сѐ е упростено, нема раскоши, нема блескави слики, релјефи, куполи.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
И сега кога, во слободата, по победата над фашизмот, требаше да се плати некаква цена, жртва за апсурдот – да се уништат козите, вековната основа за опстојување на луѓето од овие каменити предели и на непредвидливиот балкански релјеф.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
О, колку често во текот на краткиот престој во Албанија, во нејзиниот измачен релјеф од драконското спроведување на погрешно пресадените идеи во развојот на земјата, иднината, запаѓав во резигнација и безизлез.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
И што беше најтрагично, градбата на каналот долг двесте километри, мораше да биде завршена за дваесет месеци. Пекол на земјата. Требаше да се коригира релјефот.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Се случувало овие дамки од пепелта да бидат разлеани врз страницата, бездруго од Мајкините солзи, и да го означат релјефот на нивната голема љубов.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Не според стилот на епохата
туку според изливите, внатрешните
релјефи на гестот-ерес
временски ќе се сместува
меѓу XIX и XX век отприлика
почетокот на нашата взаемна
љубов:
грешките се допуштени
ако за грешка може да се смета
она кое ги надминува границите
ако воопшто од животот можеме
да го избркаме чудесното, волшебното
магиското.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Амам: промена на смислата
Не кога ќе влезеш
и кога ќе те заплисне врел
и непроѕирен воздух
не кога ќе те поклопат
капките разлеани по ѕидовите
реата, мермерот, мрморењето
не кога ќе те обземе вртоглавица
зашеметеност од празнината
на амамот, полна пот, плот и пареа
не кога ќе те погоди како отсјај во сон
светлината подадена низ розетата
дозирано, од високо
не додека студеното сонце-иње
од карши ги облагородува
дрвјата, релјефите, порталите, фасадите
на сараите
туку
кога ќе потонеш гола во гротлото
ко крвава рожба во исцедокот од водолијата
тукушто прсната, за да може
да се слизне низ пенџерето
на животот
(на)право во царството на немилосрдноста
кога збунетото тело ќе помисли
дека секое друго место е подобро
ама ќе остане и понатаму - таму
без да се помести
кога ќе ја осетиш жешката вода како оддалечување
од секојдневието, од агонијата на распадот
(целото е мислена именка, далечно минато)
кога ќе се престориш течен заборав
божји благослов
и ќе му се предадеш на телото мислејќи
си ѝ се предал
на психата
егзотичното прелевање на смислата
сѐ додека не се претвориш во
прелив како таков
кога ќе се испреплетат значењата
едни со други
и ќе се испретурат во кошницата
на светогледот
а ти ќе тргнеш во потрага по
почетокот
кога ќе сфатиш -
Бизант е капија во темните агли на памтењето
цела епоха е втисната како анатолиска крпенка
во обичните зборови од твојот мајчин јазик
во интимата на јазикот
и се спровира низ капијата
кон одаите и спалните
дома
кајшто по извесно време
по извесна стварност
потеклото се заташкува
сродството се изобличува
јазикот има свои потреби
како и телото
сфаќаш и тонеш во без-сознание
зад јазикот, отаде
нека почека
ако те чека ...
Истанбул, декември 2003
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Овде на бреговите на Езерото запираа проклетствата на балканскиот физички и ментален релјеф.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)