скапува несв.

скапува (несв.)

Бербата траеше долго. Рацете на берачите им скапуваа, очите им потемнуваа како маслинките, од умор и неспиење.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Одбра неколку убави јаболка за себе, одбра потоа некои ситни и некои што беа почнале да скапуваат, стегна под мишката и малку сено, па грижливо затворајќи ја вратата, се врати во колибата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Направивме тоа да не можеме, ете, цел месец да се прибериме дома, им го дадовме оганот на нашите села; ги оставивме жените, децата и старците да се тресат на пепелиштата, а луѓето ги фрливме по темниците да скапуваат. Ете што направивме!
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Времето врви, а раната никако да заздрави. Ми се нафрлија некои зрнца, некои меури. Почна и гној да збира, да скапува месото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
баму ја, седиме така во темницата и се плачеме, сакаме да го подзапреме времето, да се оддалечиме од смртта што нѐ чека, јас веќе си ја гледам мршата како ја раскопуваат дождови, како скапувам и се смалувам, се гледам пред себе си, така, како своја слика да држам в раце, само Силе Плевнеш грчи во ќошот, бичи некои глуждови трупци, ама времето кој го запрел досега, го запирале царови, кралови, тепачи, арамии, врачари и јаки луѓе и никој не останал со него и како што седам така, оп - се обзорува, некоја бесшумна светлинка ни влегува на прсти во собата и со светлината влегуваат и војници, оф мори мајко, ајде вика старшијата, Силе Плевнеш уште грчи и старшијата го клоцнува в слабина и овој рипнува, си ги брише слинките околу устата, сакате поп да ве исповеда, јас не сакам, вели Силе Плевнеш, и без поп господ ќе дознае за нас, знае тој дека на правина нѐ земате на душа и после нѐ поредуваат во дворот пред затворот, а Стеван Докуз пак приплакува, ги покрива очите, што ќе му правиш: тој ти е другар во несреќата, „пријателот ти е роднина кого самиот си го одбираш“ велеше Лазор Ночески, а војниците чекаат со пушки пред нас и ете го дојде тој, офицерот, се тетерави 121
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мршата скапува, а сликата останува, вели. - Душата оди без мрша, велам, ама мршата не ја заборава.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Некоја реа, гној од нешто што скапува наблиску до мене.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Дали само лунѕа, безнадежно талка или, и таа, скапува заедно со него?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Можеби е од оние проколнатите што сме ги гледале по филмовите, можеби во неа скапува телото на некој убиен човек, или пак се крие некој страшен убиец, а можеби ноќе, таму, некакви вештерки подготвуваат отровни пијалаци за маѓепсување на децата?
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Јасно му беше: кога ќе нападне сувата ’рѓа, и најчеличните гради скапуваат.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Скапуваш“, рече тој, „се распаѓаш на парчиња. Што си ти? Една вреќа нечистотија.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Но, сега гледам, работите стојат поинаку, бидејќи вредностите кои ги држеше тој пред себе како црковни табли, всушност ги доживуваше како товар што насилно му е натоварен, а за неговите кошули и за огнот в куќа и во нас, и уште за сандаците за замрзнување на кои им скапуваше газерот, за разглавените капаци на клозетските шолји, за штекерите без жица за вземјување, за цевките ф-15 за одвод на водата од машината за перење и бигорисаните цевки за довод на топлата вода, за недоволниот притисок на водата во бањата и преголемиот притисок во неговите уши, за лековите за детето што не можеа да се најдат на рецепт, а можеа да се најдат еди каде, на другиот крај од градот,
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ќе скапуваат во Дијар-Бекир и моево име на уста ќе им биде!“
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Ќе појаснам зошто. На времето, во останатите социјалистички држави луѓето, помалку или повеќе скапуваа.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Некои се веќе паднати на плеќи, други ги гмечат, натежнати од обилниот дожд, а сите се сплеле во големо косиште, расчорлавено, по бавчата и така се скапуваат.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Во новово време се згоди во едно претпријатие да одработам цели десет години ама правилата на животот се сменија и веќе одамна никому не му се подарува никаков часовник што секако е една од причините некои луѓе сѐ повеќе да се чувствуваат изгубени во времето а нивните души да скапуваат во контејнерите.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)