скротува (несв.)
Дивиот мирис што го скротува нашето недоразбирање.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
И Глигор, и Арсо, и прислужникот чувствуваа во себе една промена којашто ги зближуваше и поврзуваше, ги скротуваше и примируваше.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Сонцето како течно злато се разлеваше по водата, блескаше, ги опсенуваше очите; Висар тешко се приспособуваше кон таа силна светлина; од шумот на веслата дивите патки пркнуваа пред нив и се преселуваа понастрана барајќи мир и спокојство; Висар му го вртеше грбот на сонцето и ѕиркаше во водата која ги менуваше боите спрема длабочината на езерото и гледаше во јадиците и канџите што ги спушташе Трајан; кога ќе се занишаше конецот, Трајан го креваше нагоре, го собираше и му даваше знак на Висар дека е фатена риба; Висар трепереше од радост и ѕиркаше во водата да ја види рибата; кога рибата, влечена нагоре, ќе дојдеше во погорните води, ќе почнеше да разлетува и да шета дè ваму дè таму, правејќи секавични движења и обидувајќи се да го скине конецот; но колку што конецот се собираше и ја доближуваше до чунот, таа сè понемоќна стануваше, ги скротуваше своите напнувања, чувствувајќи болка од јадиците и канџите во устата; тогаш Трајан отсечно ја тргнуваше нагоре, а Висар го потклаваше оршето под неа и ја внесуваа во чамецот; потоа го проверуваа другиот конец и почнуваа да го тргаат и собираат; рибите скокаа во чамецот, пласкаа со опашките, подзинуваа по воздух, а потоа се отпуштаа и се смируваа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Му рече ли лош збор - полош ќе ти врати; црната: ниту сака да те сретне, ниту сака да разговара со тебе; пред очите му е темно; сѐ на светот му е виновно; мудри се, знаат многу, со очи, со поглед можат да дознаат сѐ: кој си, што си, колку тежиш и што сакаш да речеш; во разговор со нив секогаш чувствуваш: меѓу тебе и нив голема далечина; не се напрегаат сѐ да чујат и разберат; на проклетството и на болот му робуваат; лилавата (јоргованлијата); постојано си потпевнуваат во себе или гласно: и во одење, и во работа и во кревет; во устата, на ушето или во малото џепче од палтото носат цветче - за салтанет; на секоја веселба први запoчнуваат да пеат; што било вчера, што било денеска, што ќе биде утре - не ги интересира; кога смируваат скарани, не сакаат многу муабети; на скараните ќе им речат: ајде чукнете се со чашките, оти главата ќе ви ја чукнеме; те фалат, те гушкаат, но сето тоа го прават без мерка; последни од кафеаната се прибираат дома; сивата: многу пребираат, џимрии во јадење, во купување, во облекување; надвор ако врне - продолжуваат по цел ден да спијат; од добиток не држат ништо, или сосем малку; за сѐ, па дури и нешто на милост да речат - колнат; клетвите им се помошни зборови со кои полесно се изразуваат; повеќето се тенкоусти, палени на збор, на јазик; кога е студено - мајката на господа му ја караат, кога е жешко - исто така; на гости, по свадби, од иста чаша или сафа не пијат; дома на прагот од куќата те пречекуваат држејќи ја вратата недоотворена; очите секогаш им се готови да те погледат напоречки, да те мунѕосаат; портокаловата: лични луѓе, секој сака од нивната куќа невеста да земе; кога врват девојките и невестите низ селото - како сонце да врви, сè пука на нив од здравотија, од личнотија; коњ аздисан скротуваат, пукнуваат; таа убавина, таа здрава јатка во нив ги држи до триесеттата година; по неа - одеднаш како зрел плод се што не може многу да држи, свенува, се олошува, се распаѓа; од никого лош збор не се слуша; благи и кротки и во очите и во лицето и во зборот; старичките чисто-пречисто се носат, мирисаат на мискинсапун, на калофер, но не доживуваат длабока старост; прават куќи понастрана од другите, истакнати, видливи; добиците им врват низ посебен влез за во кералот, не низ дворот да им го балегат и гнасат; кога крштеваат дете, врват низ селото како кралска процесија, како крал да се крунисува; ако седиш со нив, имаат моќ да те маѓепсаат, да те стават под влијание, да те владеат.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Можам да претпоставам дека сите тие беа привлечени од интензивноста на неговото внатрешно зрачење,со кое ги скротуваше и најодбојните скептици.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Требало да има момоци подобри и повешти од американските каубои за да може да ги скротува и да ги обучува во амути и самари.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Самиот се скротував, се дисциплинирав, научив да седам со часови на работното масиче, научив да ги врзувам зборовите во еден поинаков раскажувачки ред и, со текот на времето, во тоа успеав.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Стиховите скротуваат, сплотуваат, смируваат.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Само големите и силни откорнатици ги чувствуваат внатрешните преливи, нијансите на самувањето, само тие ја имаат моќта да ја скротуваат, да ја потиснуваат длабоко, длабоко во душата.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
А во селото и околината луѓето не еднаш велеа: - Кога запева Фимка, сонцето некако појасно и потопло свети, појот нејзин ја грее душата, ја смирува лутината, аргатската мака ја олеснува, ги полни срцата со некакво таинствено блаженство и замајување, маѓепсува, скротува, смирува, зближува, воздигнува и возвишува, а чучулигите губат лет во висина и славеите замолкнуваат, слушаат и љубоморат...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)