слугува несв.
слугување ср.

слугува (несв.)

Тој Мирче беше дојденец од некаде и долги години слугуваше како момок по куќите.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Цели три години му слугувала, ама турската вера не ја зела.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Некои од луѓето, како дар на манастирот, оставаат деца, момчиња, да му слугуваат извесно време, без пари.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ме заборавија кога Илчо Просинек почна да раскажува како бил млад роб кај некој трговец Евреин во Солун, слугувал, продавал газија, сапун, сол, суви риби, зашеќерени бадеми и урми, ги миел во саботните попладниња тркалата на стопановиот пајтон, ги тимарел коњите, метел, окопувал јаболкници и лилјачиња, прередувал ќерамиди, хранел пци и мачки и чувал кадрави деца.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Некои од тие што остануваат да му слугуваат на манастирот, радосни се што ја гледаат оваа убавина надополнета со луѓето, со панаѓурот, а некои се стискаат за своите родители, не се делат од нив, плачат.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ваквите очајници не се спремни за големи игри, често пати нивната кариера завршува во морето на криминалот каде најчесто слугуваат како третокласни робови токму на оние идеи против кои во стартот на нивната мисија толку жестоко се бореле...
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
- Знаат, но не ти кажуваат, бидејќи сакаат да им слугуваш и да ти се потсмеваат.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Сите други се создадени да ѝ бидат робови на таа нација. Да ѝ слугуваат.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
„Кога тргнав да одам да слугувам кај Ризван-бег, имав десет години. Мајка ми спреми една бовча и се затскриваше да не покаже жал.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Слугував, послушен, а сѐ посилен растев и сѐ повреден бев во работата.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Знам од книгите за него, дека и тој копнеел по едно парче земја во поодминатите години, императорот кој создал закони и на граѓаните им дарувал милост, сакал да се повини на копнеж стар, дури телото сѐ уште му слугува, да се врати во познат предел со песок на ритчињата, со хумус под сенките на боровите и да го чува парчето земја како што го чуваат селаните своето, ако треба со секира.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Го праша тогаш Мехмед паша, гледајќи го под око ибн Пајкота: „Ако мислиш да си купиш дете од пазарот за робје, дете да ти слугува и да ти мете низ дуќан, јас дозвола давам. Ти си аза, чело на рисјаните. Само речи.“
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
„На таков и да му слугуваш да ти е чест”, се вцрви Тодора од брзање да одговори.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Петка Римјанка остана со скршено срце од болка. имотот си го подели на сиромашни, гладни и голи... отиде во манастир да слугува отиде како монахиња...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Туку Никодине, никогаш во животот не сум те замолила за ништо. Понизно сум ти клечела и слугувала.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)