тапија ж.

тапија (ж.)

Широчината не е без сајбија иако е тој без тапија, без документ, речиси, со кое би имал право да го чини она што го чинеше.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Кога дојдоа, кадијата ја соопшти положбата и ги покани да помогнат и тука да се доврши работата, а за да ги убеди дека си стои на зборот, им напиша од своја страна тапија од своите чефлизи во Рувци и Алданци, а беглербегот им напиша повелба, дека им ги подарува сите дванаесет села од Старо Мариово сосе луѓе, за вечни времиња и ги прави мариовски бегови со сите беговски права, поставувајќи им само два услова: да се потурчат и да најдат чаре и начин да се победат бунтовниците.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
- Се премисли, ме прашуваат. - Што да премислам, велам. - За тапиите, велат, за земјата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Или тапиите дај ги, велат, или омажи се! - Па јас сум мажена, велам, при жив маж ли да се мажам?
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Штом не се разбираш, велат, да ги донесеш тапиите од куќата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Женски Петко, што се вели, лезбејка со тапија.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Можеби беше таков зашто останал сираче уште од дете кога Турците му ги убиле родителите во времето кога беговите им ги одземале тапиите на селаните.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Со чувство на вина што не се простува, ноќта се распаѓала на резенки и претставувала уште само сенка на ридови и на ритчиња, премногу косопасни и соголени од чифлигџии и селски копуци за да минат запрегите низ шума или да се присокријат негде призраците на Самоиловата коњица, или на Крум или на Душан, или на кој и да е војувач на ова парче земја чиј народец го проретчувал кој како ќе стаса, најпосле врз неговата тиква да се струполи и топузот на Бајазитовите потомци, тој топуз да ги потурчува каменот, земјата и човекот со тапија потпишана одлево надесно и да граба од 'ржена слама машки деца - подоцна под сабјата на младите јаничари да дојде понекогаш родниот брат или татко, ни колачот ни закланиот да не знаат дека крвта пролеала своја крв.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тие ни се нашата тапија, коренот, потеклото...
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Затоа и трите букови стебла биле највисоки во шумата на која никој немал тапија, ни везир ни валија.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
„Тебе не ќе ти покажам тапија што било мое и што ми е грабнато кришум од наши денгуби.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Претпоставуваше дека е повикан за некој правен совет, или за толкување на некоја стара турска тапија.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
За парадокс, пак, и неговиот професор и шеф, а и самиот тој - беа или потекнуваа од „бечката школа”; професорот навистина од старата, ама со тапија, а Миха од новата која и во самиот Беч не беше призната.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Зар еден од клучевите не ни ја отвори портата на туѓинава! – рече Мајка. – Ние, жено, си ги имаме нашите тапии, ќе ти кажам каде ги чувам.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Што е тоа толку даноци? Емњак вергоси, данок за земја, за секоја тапија четири грошеви, за ослободување од војска, 39 грошеви, бајије, пара од секој грош за продаден добиток, зибије, три грошеви од заклан вол, кантарина за мерење жито, отлакија за пасење добиток, осум грошеви за таскере ако сакаш да патуваш.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Вера Ацева - домаќинка со тапија. Тапијата ја издаде и ја овери со печат презедиумот на АСНОМ.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Ете тоа е Шурда. Упорен. Тврдоглав. Јужњак. Индивидуалец со тапија.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Ружа овој пат нападна директно. - Како што реков, твојата ќерка е распуштеница со тапија и тоа од глава до петици.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Меѓутоа, Татко веруваше дека употребата на овие заемки нема конечно да замре зашто тие понатаму беа живо присутни во народната меморија и творештво, во народните говори, во старите документи од кои некои беа валидни и во новото време, како на пример тапијата, адетот, аманетот, бакшишот и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тој најпосле, по двоумење и потрага по типичните поими, му го претстави својот избор на Камилски: гурбет, сургун, гајрет, тапија, ќерпич и чауш.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)