терзија м.

терзија (м.)

Таму, еден нашинец — терзија ми направи минтан и сиве овие ги нареди внатре.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
И глупаво и смешно е тоа што го прави Арсо. Синот на терзијата од чаршискиот сокак го совладал совршенството на истенчен измамник.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Откако му ги соши алиштата терзијата, татко вистина си умре.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Татко беше порачал терзија дома за да му сошие нови бечви и нов џамадан со гајтани опточени. За оној век алишта.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И терзијата му зема мера од леженка со ендезето и пишува со сапунче на трабата шајаци што ја тркала.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Девојче, врашко, девојче, Ај, да ни месиш кравајче, Без вода да го замесиш, Без оган да го испечеш И веднаш потоа со својот топол глас одговараше Калешата: Терзии, браќа, терзии, Јас ќе ви месам кравајче, Низ трепки ќе го отсеам, Со солзи ќе го замесам, На гради ќе го испечам...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Од кожарско-ќурчиската чаршија, од Капан-ан до Туз пазар, туфекчиската чаршија од Мустафа-пашината џамија, дуќаните и работилниците со ножови, сабји и друго оружје, до платнарите, абаџиите, бојаџиите, казанџиите, сарачите, јорганџиите, калајџиите, терзиите и кафтанџиите, сѐ беше на нога и траскаше, чукаше, коваше, тропаше, викаше, довикуваше, и повикуваше, а дуќанџиите шеткаа пред своите мали царства, не сакајќи да мислат на големото што ги беше поклопило и кое им ја пиеше и потта, и душата.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Секој занает си имаше своја слава во градот - ќурчиите го славеа Свети Илија, казанџиите Свети Спиридон, бавчованџиите и лозарите Свети Атанас, терзиите Петровден, и сите ги канеа на своите денови, и турските големци, и другите видни граѓани, ама Свети Пантелејмон на папуџииите за Тодора беше некако најубав празник и чест што мислеше дека целосно и самата ја заслужува.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Во ова песна млада ќерка, она бара терзии шијат нејзе фустан.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
„Татко”, рече Френк. „Испеј ни една свадбена песна - онаа за терзиите и за слатката млада девојка. Знаеш која.”
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Па вака, девојката им вели на терзиите во својата куќа: „Терзии, браќа терзии, Фустан да ми шиете; Без да ми мера земете; Без ножица да го кроите; Без игла да го шиете; Без конец да го сошиете.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Тој сакаше да му предложи на Татко потрагата по заемките на занаетите и занаетчиите да ги побараат, такви какви што останале, во старата скопска чаршија до денешни дни: бакалите, берберите, бичкиите (ножарите), бозаџиите, бостанџиите, гајдаџиите, дограмаџиите, јорганџиите, казанџиите, калајџиите, касапите, кондураџиите, папуџиите, кујунџиите, терзиите, џамџиите и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
И во XVII век е уште поголемо присуството на турцизмите во балканските јазици, се среќаваат и следниве: ама, арамии, бакар, бериќет, бучук, денк, ѓум, зарар, ибрик, казан, кат, кубе, кутија, машала, менгеме, муштерија, памук, пари, ракија, руба, сакаш, сандаци, саан, синија, тава, тенџере, тепсија, теслими, фрча, хич, чифлик, дајак и други, а има и голем број зборови што означуваат разни видови занаети и занимања: бојаџии, казанџии, самарџии, сапунџии, кираџии, кујунџии, меанџии, симитџии, терзии, ќурчии, чакшири, чешмеџии и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)