тукашен прид.

тукашен (прид.)

За да биде појасна ползата од таквото одделување наше од другите народи доста е еден критички поглед врз работењето на тукашниве студентски друштва: бугарското и српското.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
- Половината е за тукашните чакали: Џемал-ага ќе земе колку ќе земе, па директорот колку што треба, па дежурниот на вратата, па стражарите што ги проверуваат донесените однадвор работи.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Сите негови маки и незгоди се сведуваа на тоа: со влегувањето во занданата, тукашните го потсетиле на обичајот - да ги почести со по едно кафе за добредојде во „фамилијата“. Пази боже од ваква фамилија!
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
На плеќите носеше нарамена раница од телешка кожа, во рацете дебел боров бастун — тукашно производство, дури и недокастрен, со неколку чатали.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Самото сознание дека на дофат се наоѓаат инструменти со кои може да се следи движењето на далечните ѕвезди, веднаш пренесува до други сознанија, кои се надвор од доменот на тукашните разбирања за светот.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Но, веднаш забележав дека таксистот не се движи така како што е нормално, туку заобиколуваше низ разни улици и си помислив дека ја користи ситуацијата дека не сме тукашни па нѐ вози по заобиколен пат за да може да земе повеќе франци.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Знаеш, ако некој е за чистење, сакам да речам осуден на смрт од тукашната управа, тука не смее никој да го гибне.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Млад, неопитен и запален како и тукашните младинци, туку зеде по цел ден да држи конференции и да ги вие луѓето да стапат во колектив.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Како да беа вистински `ртки па душкаа по гумната, по дворовите, на срецелото, по бунарите и чешмите и изгледа тогаш научиле дека Тодејца не е тукашна, туку дека можеби е Еврејка.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Родољубивецу! Поројот на грчкиот јазик во тукашните места ќе стане незадржлив, ако не се преземат силни мерки.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Таткото во своите опсесии го поддржува еден руски емигрант спасен од сталинизмот и еден негов тукашен соработник.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
„Што се однесува до впечатокот што тие вести го предизвикаа врз тукашните политички кругови, тој е грозен - пишува Иван Гешов, бугарски претставник во Цариград.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Татко мораше да се варди од тукашните денунцијанти кои сакаа него да го видат меѓу „домашните спасители”.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ништо особено: грст земја, тукашна иловица, месена, моделирана, па печена и глазирана.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Си имаме свој готвач, тукашен селанец, обучен во војска, кој вари грав во казан а на празник врти јагне на ражен.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
2. Долниот свет Не оти сме слепци туку од што сме се одвикнале да гледаме блиску пред себе невешто се движиме со стап вперен напред и пипкаме: да не би да наидеме на змија, мудро немушта да не би да најдеме габа, солза радосница оти со години гледајќи далеку ни отапеа сетилата за светот тукашен па само некоја разорена и во мислите насетена ко привидение, стварност се тетерави без престан и бдее од страв да не исчезне ако се успие!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Небото го чувствуваш тукашно. Тука некаде околу тебе.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ама тие, повеќето тукашни, ниту го погледнуваа. Само старшијата се сврте нервозно на столицата и му се опули намусен, туку пак се здржа.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
А вториот веќе и не допрашуваше ами повторуваше Дека сето тоа се само бабини деветини И дека со нова жена нови ќеифови се тераат Особено ако е како оваа еве што оди пред нас И подвртува со газето како пропелерче Во некоја берберница среде тукашните или мексиканските жеги
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
При што никому од тукашните главатари не му текнува Да поведе сметка и за нас коалите Па на секој новодојденец да му наложи при цапнувањето во Австралија Да засади макар по еден еукалиптус За ние да можеме безгрижно да сонуваме И да си ја исполнуваме својата мислителска мисија А не да ни ги скусуваат соновите и од нашиот еукалиптус Уште да прават и некакви бонбони за шмукање Божем нема со што друго да го лечат народот од грлоболка Ние коалите не сме злопамтила Ама вие сега видете каков тоа човек создала работата И дали е баш вистински човек оној кој на коалите им зема дел од еукалиптусот Таквите во Македонија ги викаат човеци Некои од нив доаѓаат од стар крај со навики да крадат дрва за огрев Ама и кога крадат барем крадат дабови и борови а не еукалиптус
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Повеќе