убавица (ж.)
Е, најпосле Јован дрпна уште една лага во постите и ги бојадиса сите, дека на Велигден — по Велигден ќе имаат возможност да се радуваат на полни постели со витолишки убавици.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Таква убавица има - густи веѓи, јадри очи, румени, тркалезни образи.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Тој неколку мига чекаше напрегнато да излезе од собата и да ги последи овие две грди жени убавицата што ја виде крај колјата... Но залудно....
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Можеше тој да си лежи во топлото гушкање на младата убавица. Нив провидението ги чува. Проклети туѓинци!
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Тој е отскоро дојден, некаков интересен Французин од Ломбардија. (Да (за него слушал повеќе работи), помошник-директор на банката, има жена убавица (за неа знаат сите мангупи во градот).
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Жал му беше за речната убавица, но не можеше да ѝ помогне.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
„Така, така, убавици мои!” им велеше попот Матлија, „Весели ве сакам во смрт да ми одите...“
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
За нив, за убавиците, султаните во овој сарај одделиле едно крило заклучно со железна врата, каква што не се среќава на други места во овој дворец.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Од таа страна на ѕидот се наоѓале харемите, па убавиците можеле да наѕираат во салата и да имаат допир со надворешниот свет само низ овие мермерни решетки.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Интересно е во Варшава,наспроти огромното здание на Домот на културата, да се види осамената убавица - новиот хотел „Форум“, граден според шведска лиценца и со шведски кредити.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Пред да биде погубен Арслан бег со дружината, додека акаше низ полето за да го дофати Владимира Акиноски, во време жетва, беше наумил да ја грабне за брата си Салија најпрвата убавица во Потковица, Руса Јанческа.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Тодор исто не даваше да се чува огледало во куќата, но стрина Спасија, мајка ѝ на Руса, која беше исто убавица, не можеше да го прежали огрубувањето на ќерка си.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Арслан бег мислеше на најпрвата убавица во Потковицата, на Руса Јанческа и на христијаните им се прекасаа здивовите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
2 Според подоцнежното раскажување на кукулинецот Лозан Перуника* (значи по седумдесет и осум години од настанот, кога тој веќе бил на прагот на своето столетие, поточно - според записите на некој калуѓер од илјада деветстотини и тринаесеттата година, кога веќе се гризеле со оган и челик под знамиња на лав или двоглав орел и атакувале едни на други преку полумртви села и градови во прашина, во чад и во треска бугарските дивизии на генералите Тошев, Ковачев и Иванов и српските дивизии од Првата, Втората и Третата армија на престолонаследникот Александар и на генералите Степановиќ и Јанковиќ, и едните и другите, мобилизирајќи ги македонските голтари од вардарскиот, пиринскиот и егејскиот дел на својот вилает да пукаат едни во други**, додавајќи му ги на тој хаос и грчките војски, сите три крунисани влади на тие армии во алчна агонија да лапнат по еден залак од Македонија), во она време големоглавиот и бабуњосан Адам Леновец им раскажувал на неколцина од дружината дека попчето што го мердале ноќе во Лесново не се занесувало толку по идејата на грчката Патријаршија за една голема и од Зевс или Саваот благословена Елада, тој неграмотник со ретка брада можеби за тоа и не знаел, колку што сакал да ги завлече прстите со многу топчести ковчиња под ленената кошула на Фиданка Кукникова; каменоделците по ден, најчесто пред своите жени со загатливо сомневање под клепките, ја проколнувале и ја пцуеле убавицата со дамки, со тие златни очи на страст и копнеж по милување, а ноќе станувале од постелите на своите жени, божем во дворот ќе шопаат широко расчекорени и без воздишки по она што пред тоа го сонувале, всушност како лилјаци ја облетувале Фиданкината куќа со еден прозорец под бушавиот сламен покрив и со напукнат оџак; жените веќе нешто знаеле за ноќната лилјачка игра на своите мустаќести балами и со дукат го наговарале попот да се преправи во козинав врколак и да внесе страв во селото; ама и на попот, како што раскажувале, не му висел под папок суџук од мелено козјо месо; и тој станувал бабачко кога ќе се сетел какви тајни си криеле жените под кошулите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Подоцна, многу подоцна, се чуло во Кукулино од некои кираџии дека се вратил оддалеку маж ѝ на Фиданка Кукникова и исекол поголема гранка од дуњата во дворот, ја исчистил од кора и ѝ ја измерил тежината со десната рака, бил висок, со светла коса и имал во торбите и дисагите што ги донел на маска секакво богатство; веднаш, со првата ноќ на неговиот втор живот во Лесново, ги спобркал сенките што се грчеле со машки воздишки околу неговата куќа сѐ додека не натерал тројца никаквеци да се напикаат во манастирот па тој таму без збор ја дигал и ја спуштал ластегарката поттикнуван од цел куп жени што дошле да ги собираат своите парталковци и да ги лекуваат дома од модрици и навреденост со толчен печен кромид во зејтин, потоа, по три или четири месеци, кога можело да се види дека прочуената убавица затруднела, попот знаел дека ќе остане без нова кошула, без нови чорапи и без куќа иако Доце Срменков му рекол дека ќе му купи нови опинци и, повторно облекувајќи ја везената кошула, отишол во некое штипско село по осамена вдовица со момченце од три години и со покуќнина што можела да се натовари на два магарешки коша, така било, селото се наполнило со доенчиња до првата протока на ракиските казани во сувите дни кога младите татковци се насмевнувале со модри усни кон Фиданкиниот маж од чија ластегарка сѐ уште накуцувал ситноглавиот Гавруш Пребонд но тој и порано со есенските 'рѓи чекорел под тешката облека со една здрвена нога од настинка и веќе се пеело, законите на Лесново или биле измислени заради дојденците или се заборавиле, и се кршел каменот по пештерите, впрочем и можело - на небото потрепетувале многу повеќе ѕвезди отколку што ги паметеле луѓето во тоа кратовско село.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Еве ја таа Никеја таа плодна убавица од пејачи и светлини.
„Чекајќи го ангелот“
од Милчо Мисоски
(1991)
Додека ги бодев Нимфите тие убавици на Зевсовите води и шуми во телото на млечниот сок ја сликав маченичката мапа на сивите царства: освојувањето, немирот, јадот...
„Чекајќи го ангелот“
од Милчо Мисоски
(1991)
Уште еднаш разменивме погледи со мојата убавица.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Едниот е онаа стројна убавица што не го тргнува погледот од мене.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Еве ја, излегува и мојата убавица.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)