услиши (св.)
Се сменуваа сушици и припек и само во југовина сѐ што се движеше пееше услиши господи и херувими а воздухот повторуваше со години секој збор и секој глас.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
Прерадуван, игуменот постојано клечеше на гробот на свети Наум и го целиваше благодарејќи му што помогна, што ги услиши нивните милитви, што помогна да се реши овој спор.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Според Мајка, Бог кој ги услишал нејзините молитви, ме спаси од враќањето во родната земја.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Штом ќе им дадела знак на селаните од околните села дека Господ внимава на нив и на нивниот премор, штом ќе го замолела Господа да ги благослови житјето, овошките, рибите во езерото и водите езерски послани до манастирските бедеми, таа се повлекувала во својата келија, ги земала бројаниците, коленичела и молитвела, молејќи ја Пресвета Богородица да ја престори ангел, кој вечно ќе ѝ служи и ќе ѝ се поклонува: Пресвета дево, Владичице наша, Богородице, мајчице наша, мојата молба услишија, во ангел престори ме, со светлина дари ме, со чесен и небесен подари ме, Пресвета дево, мајчице наша. Алилуја. Амин.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Таа секој ден, откако ќе се измиела, откако ќе ги тргнела пердињата од очите, влегувала во Телото Исусово, за да си ја успокои душата, за да се освети и просветли, повторувајќи молитви искрено, чисто, простодушно: Господи, Боже наш, Ти кој си на небото, Создателу на земјата и на сета твар, Ти кој гледаш сѐ и си милостив и си жалостив и си справедлив, спаси ги душите на народецот наш и мојата молба услишија, ангел стори ме, во ангел престори ме; Господи, Оче наш. Алилуја.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
И да ти речам: Запри се во моќта, Гавриле
и да ти го земам крикот, и да си го палам одот,
како да сум рекла – Услишено си, во тајната, пиле
се разбираме, во бегството среќен ни е родот.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Ѓ беше атеист, но се чини дека Господ му ги услиши молитвите.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Можеби баш такви, прецизни треба да бидат и нашите молитви, за да бидат услишани: „И дај ни го лебот наш насушен, ама немој со адитиви“.
„Најважната игра“
од Илина Јакимовска
(2013)
Молеше за здравје за сите дома и за роднини и пријатели, за бериќет и спокој, а потоа отвораше книга и вака се крстеше и почнуваше одново да се моли: - Оче наш, иже еси на небесах, услиши молитву мојy, внуши моление мое во истиња Твоеј, услиши мне в прaвдје Твоеј.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Во малендавите пламенца на свеќите потулено и со стравопочитување да ги искажуваат и редат молитвите за исцелување, добрина и бериќет и да чекаат во надеж дека Горниот ќе ги услиши и ќе им ги олесни маките, болките и болестите; да кажат сполај Господе, ако се роди бериќет, ако се врати здравје, ако дојде принова, ако извор протече, ако дожд заврне... да искажат молежливо клетва, ако...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)