шепнува (несв.)
АРСО: Како ќе ги свират свирките, така ќе ги мрдаш нозете. (Го фаќа за другата рака и му шепнува.) Ајде, орото е — крајот...
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
АРСО: Ама џумбуш, ама тарапана! Ваква веселба во Скопје ниту имало, ниту ќе има! (Му шепнува нешто на Поцко.)
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Токо слушај ме ти мене, — му се приближи и почна да му шепнува, додавајќи му ги зобниците.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Бојана сакаше полека да се опушти, но слабоста ја опфати и таа падна врз златото, шепнувајќи ја најтешката клетва: - Проклето, проклето! кавалот
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Арсо пак го шепнува неговото име снижено, привлечно и нејасно.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Арсо шепнува и топло удира неговиот здив во увото на Ана.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Како што беше вистина и онаа пролетна утрина, додека на горниот крај на селото се собираше тајфата печалбари пред заминување, а тука беа и тапаните, веднаш тука, на ледината крај патот и младичите го играа Тешкото околу нив, а тој беше со татка си скраја и мајка му молчеше крај нив со црвени очи; тој беше накитен со низалки костени, јаболка и по неколку ореи, првопратено, додека мајка му му шепнуваше „Змејко сине“, а тој можеше да види како му се стегаат на татка му вилиците и како сите мускули набабруваат и се скаменуваат под поцрнетата кожа на неговото лице, исто онака, како кога беше многу лут татко му, но Змејко сега можеше добро да знае дека тоа не е од никаква лутина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Молчам и го стискам срцево за да не ми игра. Но не можам долго. Шепнувам: - Јас...
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
И, од тој магличав изгрев излегува Филип Хаџиевски и ми шепнува: — Најтешко им е да ги тепаш пред жените и децата.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Мраморните лакови на ноздрите ѝ потреперувале како на младо животно во сетилно претскажуваше на слатки можности што ги шепнува развигорот на будењето.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тука е, шепнува. Сокриени зад огромниот фикус, ја гледаме како уште еднаш заминува...и веќе е на крајот на мермерниот базен: се нурнува, се потпира со рацете на работ, изронува, се извива над водата, се одделува од неа со капки посеани по лицето.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
На враќање, пред да си отидат и Игбал и Мила, ми се стори дека таа мангупски ми намига и тивко, за да не ја чуе тој, ми шепнува: - Ама признај, Бреза, дека ептен ти се допаѓа, признај дека си вљубена во него!
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)
На прашањето што мисли за Американците, у поверење ми шепнува: „Брат, сакаш по цел ден на еБај да бараш бомбина, реглер, баланс штангла и замаец?“
„Тибам штркот“
од Зоран Спасов Sоф
(2008)
Слаб, без треска, ни ладен, ни топол, со празни очи, без кошула, се поткрева младичот од под јорганот, ме гушка, ми шепнува на уво: „Докторе, пушти ме да умрам“.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
И сѐ уште се восхитувам, се прашувам дали е можно, одговорот не го знам, но ти ми го шепнуваш мудро, можно е, сѐ е можно.
„Илузија за сон“
од Оливера Доцевска
(2013)
Ако животот е казан во кој си додаваш и готвиш посно, масно, мешаш, посолуваш, ги криеш тајните финти од сите други или им ги шепнуваш само на најдобрите пријателчиња, колку да се знае што готвач на животот си.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)