Зеленикави карпи краставо ги кителе ридиштата со пештери и пештерчиња: судбината на скаменетоста ја решетеле џиновски црви што можеби живееле во минатото; тоа луѓето од селото чекор по чекор и со векови навлегувале во земјата, копале и со крвави раце делкале воденички камења.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Најмногу душата му се собираше кога делкаше воденички камења; со денови вртеше околу карпата од која требаше да се издвои поголем камен од кој требаше да се изделка воденички камен: ја набљудуваше карпата, секоја нејзина жилка ја проучуваше: од каде трга и каде оди, каде се разгранува, слично на ботаничарот што ги проучува жилките на растенијата, како дрварот што го проучува дрвото од која страна да почне да го цепи; го проучуваше до каде оди цврстиот дел на каменот, а од каде почнува болниот; го обележуваше со креда, со керамитка, со врвот од глетото.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Помеѓу сламените покриви на куќите и притаените ридишта се протегала пржелика, дива неродница со мравулници, запрена со запрложен џанкарник без цут на гранките - таквите суви почви не држат на себе ни човек ни тревка. Негде со очај се гласела ветрушка.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)