Некои паѓаат од коњите, други ги дигаат и сами пијани, но благодарејќи на убавото суво и топло време, немаше опасност ни од кал ни од простуда.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Од сите прозорци, од сите врати, од сите процепи на бараките, сите ѕидари и сите малтерџии го гледаа пак оној човек, оној Големиот Ристан, целиот заскокан, како елен, како ги дига и ги префрла камењата од старите гробови, како ги дофаќа и ги фрла сите тие огромни стари ќиури, како ги заиверува еден во друг и како притоа камењата испуштаат црвени огнила.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Како и самото да му се предава на зимскиот сон, небото почна рамномерно да се дига и да се спушта, а дабовите, скаменетите диви арамии, се издолжија и поткревајќи се на своите корења удрија со тешките шубари во облаците.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)