Прави свој календар од писоци. Писнува, смета полугласно некогашниот прв рабин, на 15-ти март, па на 17-ти, 19-ти, 23-ти, 27-ми; потем се априлските згуснати писоци: од 3-ти, 5-ти, 7-ми, 10-ти, 13-ти, 16-ти, 20-ти, 22-ри, 28-ми април.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
XXIV Уште од рани зори луѓето во селото почнаа да ги буди лавежот на кучињата и некаков тропот; стануваа од постелата, ги лепеа очите на прозорците, излегуваа на чардаците и гледаа исплашено: колони војници врвеа низ селото; им светкаа шлемовите и оружјето на виделинката од зората; од сите сокаци се точкаа војници, а коњите што влечкаа тешко оружје, опрема, муниција и казани за јадење, врвеа по широкиот пат крај езерото; фрчеа коњите со носевите, збивтаа под теретот, чувствуваа жед и ги вртеа главите кон езерото што на утринското ветре шлапкаше бранчиња на брегот; од војниците избиваше пареа поднаведнати под тежината на ранците и оружјето; кучињата непрестајно лаеја и напињаа на синџирите да ги скинат; оние што беа пуштени, се втурнуваа кон војниците, но кога ќе добиеја клоца, ќе сквичеа, се тргаа настрана и продолжуваа да лаат.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Потоа тој многугласен џагор, го покрива единствениот писок на локомотивата која поаѓа, тешко збивтајќи под товарот на долгата композиција што почнува да ја влече; товар што, од транспорт до транспорт, брои илјадници луѓе, милиони спомени, многу очаи, еден страв и нешто преостаната надеж.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)