Може од мене бега, вели, и после слушам некоја свиња ми ричка, вели, ми копа и ми грофта, Овдека вака, вели, ќе ми ги ископа џигерите, срцето, сплинката. Дупка ќе ми ископа на градиве, вели.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Сличен на мудроумен и видовит старец, збрчкан од тежини што му ја притискале преморената душа и бушав од игра на ноќни ветрови, Лозан Перуника дошол на испотен шарколија и ги избројал пред насобраните луѓе и жени гробовите што живите од дружината им ги ископале на мртвите: останале патем рабите божји Дмитар-Пејко, Неделко Шијак, Јанко Крстин, Пеце Димовски, Борис Калпак, Симон Наконтик, Онисифор Мечкојад, Куно Бунгур, Пандил Димулев, Никола Влашки, Сандре Самарија, Самуил Пендуш, Филип Макариев, Никифор Ганевски, Илчо Просинек, Каменчо Скитник, Орлен Шумков и Јаков Иконописец, кои со ранетите Чучук-Андреј, Метуш Батковец и Цене Папчев можеле да бидат прогласени за дваесет свети и пресвети маченици, безбедниот Јаков Иконописец, без тој апостол со душа на вероизмамник од чиј оган горел Круме Арсов (ако починал, бог да го прости), и отишле или бегале од дружината Васко Тушев, Цуцул Мицковски, Осип Сечковски, Салко Вадидуша, Трипун Караѓоз, Гидоен Кузмановски, Блаже Задгорец, Марко Марикин, Пане Долгманов, Кирил Сукаловски, Јордан Шоп и последниот, сѐ уште негде на пат, Спиро Првославец, ако е некој виновен - господ нека му суди и се враќале со камења за неколку воденици и со тројца ранети Онисифор Проказник, Јован Стојче-Столетников, Герасим од Побожјане, Богдан Преслапец, Лазар Аргиров, Наџак-Јанко, Арсо Арнаутче, Цветко Грнар и Богоја Гулабарин, споулавен и зол колач на беспомошен раненик, и еве го него, Лозан Перуника, гладен и жеден гласник, од чие бавно и тешко редење на имињата до бога раснеле тажачките на жените и плачот на децата.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)