Никифор Правдољубивиот ќе забележи дека овој непомирлив противник на схоластиката, еден од најсамосвојните ученици на Музеумот, знаеше со иста непосредност да ги толкува Еуклидовната геометрија, Никомаховата теза за априорната егзистенција на броевите во духот на Творецот, најсуптилните финеси на античкиот јазик или да насмее со импровизираниот мим, често пародирајќи се и себе си како несмасен трговец.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Работеа во Грција, градеа некаков санаториум крај маслинките на едни стари гробишта, подалеку од градот, ѕидаа повеќе зданија, а оној работеше на сонцето од сите тие денови, ги дигаше како од шега сите оние огромни блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да расцутуваше на сонцето на тоа лето, беше постојано среќен и широко насмеан, со сите нив околу себе, со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори нешто за секого од нив со оние огромни пегави и црвено издамчени рачишта да им помогне, а при тоа и да им се насмее со она свое големо лице, на кое постојано зрееше едно огромно задоволство со себеси и со сите други доста поситни од него луѓе, што се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешки несмасна шега.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)