16. А ќе ми дојде на сон пропаѓањето на империите А тамбара-тумбара ќе почне да ми се прави во главата И да ми се парчосува сонот уште недосонуван Си мислев отпрвин дека тоа е заради историјата И дека толку многу историја не собира ниту во еден сон Особено не собира толку многу пропаѓања и распаѓања Вклучувајќи го и распаѓањето на Советскиот сојуз и Југославија Ама не било тоа бидејќи се покажа дека распаднатите состојки Полесно се ределе во еден сон и не предизвикуваат многу џимкања Работата била во тоа што на крајот на сонот за пропаѓањето на империите Неминовно се доаѓа до најновата американска империја А штом има империја нели има и пропаѓање на империјата И на малкумина им стиска да го видат и на сон пропаѓањето на Америка Поарно варди си го сонот од каква и да е помисла за пропаѓањето на Америка Додека да пропадне Америка сите ќе се претвориме во ништо И ќе им палиме свеќи на гробовите на Волт Витмен и Ален Гинзберг На времето пееја Америка и Енглеска биќе земља пролетерска Па ни пролетерска ни ѓаволи ни врагови стана Америка Зошто тогаш морало да пропадне Америка Божем во тековите не историјата нема исклучоци Што ги потврдуваат правилата И божем во секој сон за пропаѓањето на империите Мора да има и претсказание за пропаѓањето на Америка Од каде до каде такви сонови и претсказанија Се прашал ли некој кој ќе биде тогаш светски полицаец И се допрашал ли кој ќе испраќа војски во Ирак и Авганистан За да извезуваат слобода и демократија За да извесуваат и рестлови од новиот светски поредок А задолжително и локални парчиња од кои се прави приказната
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)