Како кошаре се отворив
со матарка се премазав
да се помамиш по мирисот
да ми дојдеш
матицо моја
станав кревок и подгорен пергамент
мозаик незаштитен со песок
непрекриен со мрак
се оптегнав како апсида
за да стапнеш, конечно, во мене
со поглед вперен угоре
налик на реквием или псалм
одекот да ти биде
длабок.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Впрочем и не би можел да не се помамам по зелената боја кога таа не наидува туку извира од мене, од срцето ми извира, од сржта на она што сум јас.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)